Линкови за пристапност

Во Сенатот почна сослушување за Ирак - 2004-04-21


Претседавачот на сенатската Комисија за надворешни односи, Ричард Лугар кажа дека администрацијата на Буш треба да објави детали од планот за предавање на власта на Ирачаните, што треба да се случи за два месеца.

“Администрацијата мора да презентира детален план за да им докаже на Американците, на Ирачаните и на нашите сојузници дека имаме стратегија и дека се залагаме тоа да го сториме“, кажа господинот Лугар.

Иако кон крајот на неделава е закажано сведочење на преставник на Стејт департментот, сенаторот Џозеф Бајден ја критикуваше Белата куќа затоа што не обезбедила претставник од Владата од висок ранг на овие сослушувања.

“Фактот дека не се подготвени да испратат сведок значи дека или се сосема некомпетентни или, пак, одбиваат да ни овозможат да ја исполниме нашата уставна должност. За тоа секогаш се плаќа“, изјави господинот Бајден.

Овие сослушувања се одржуваат додека пратеникот на ОН, Лакдар Брахими работи на планот за предавање на суверенитетот на привремена влада составена од угледни Ирачани.

Господинот Брахими вели дека новата влада треба да ја води премиер, претседател и двајца потпретседатели до одржувањеto на парламентарни избори во јануари идната година.

Пратеникот вели дека мора да има значаен напредок во безбедносната ситуација во Ирак пред одржување на изборите.

Господинот Брахими треба наскоро неговите препораки да му ги презентира на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

Сенди Бергер, поранешен советник за национална безбедност во Белата куќа во владата на Клинтон, на членовите на Сенатот на вчерашното сослушување им кажа дека администрацијата на Буш треба да биде поотворена за информации во врска со предавањето на власта.

“Нема да исполниме ниту една цел во Ирак доколку ја изгубиме домашната поддршка. Сега јавноста се прашува, која е нашата стратегија за успех во Ирак и дали може да се постигне? Сега изгледа дека премногу често се импровизира“, смета господинот Бергер.

Поранешниот помошник секретар за одбрана Ричард Перл, кој силно ја поддржува војната во Ирак, кажа дека транзицијата во демократска влада е исклучително важна.

“Тоа е транзиција со огромна магнитуда и обем, многу важна самата по себе и дури поважна заради последиците во регионот на Персискиот Залив, пошироко во арапскиот свет и за војната против тероризмот. Ако тоа не е доволно, исходот од транзицијата многу ќе влијае на нашите сопсобности меѓународно да оперираме во светот, каде што сме под закана од идеолошко движење кое има за цел да не уништи“, вели господинот Перл.

Сенатската Комисија за надворешни односи денеска треба да сослушува воени и експерти против тероризам за транзицијата во Ирак. А во четврток се очекува да сведочи државниот подсекретар за политички прашања Марк Гросман.

XS
SM
MD
LG