Линкови за пристапност

Експертите предупредуваат дека мора да се реши статусот на Косово - 2004-04-21


Со повторното избивање на Косово во насловите на меѓународниот печат, дипломатската активност во регионот е забележливо засилена, и во Вашингтон очигледно се одвива прегрупирање и ревидирање на стратегијата усвоената пред речиси пет години. Стејт Департментот и натаму стои на ставот дека стандардите треба да се исполнат пред да се решава за статусот, но се погласни се заложбите за дефинирање на целта кон која процесот треба да се движи.

Луис Сел, кој последнава година работи како извршен директор на Американскиот универзитет на Косово, вели дека неизвесноста и продолжителното меѓународно присуство во Косово веќе не е добар рецепт за купување време додека се́ стабилизира целиот регион.

“Изворот на насилството не беше меѓуетничката омраза. Таа очигледно постои, но она што го видовме беше демонстрирање против тамошното меѓународно присуство повеќе отколку што и да е друго“, изјави господинот Сел.

За аналитичарот од Вашингтон, Обрад Кесиќ, ваквата ситуација може да поведе во спротивна насока. Тој се плаши дека тоа, во комбинација со големата ангажираност на американските трупи во други делови на светот, ќе придонесе за побрзо повлекување на САД од регионот. Во такви услови, преговорите што се во тек немаат големи шанси за успех, вели тој, зашто секој мал успех ќе се величи за да се оправда заминувањето.

“Сега е многу опасно време на Балканот. Не само за Косово и она што таму го видовме во март, туку и затоа што што ситуацијата е многу опасна во Македонија. Мислам дека она што го гледаме е затишје пред бура, има многу предупредувачки сигнали, работите ќе се вжештуваат во Македонија, а освен тоа и ситуацијата во Босна е полоша од секогаш по 1996 во рамки на Република Српска, каде сме само на еден чекор од ново насилство. Ми се чини дека нема многу луѓе кои внимаваат на ситуацијата во поширок контекст“, смета господинот Кесиќ.

Едвард Џозеф, поранешен соработник на Вилсон Центарот и инволвиран во регионот преку Меѓународната кризна група не се согласува со ваквото гледиште:

“Македонија не може да се користи како изговор да не се реши конечниот статус на Косово. Заедничките институции функционираат во Mакедонија. Мислам дека таму имаме влада, за разлика од Босна, во која Македонците ги презедоа своите одговорности, по негирањето на права за Албанците, сега се целосно определени за аранжманот за поделба на власта. Како одговор на тоа, имате етничка партија предводена со Али Ахмети која во основа го призна територијалниот интегритет на земјата и не гледа територијално проширување. Ако босанските Срби го сторат истото и во Босна ќе имаме заеднички институции кои исто така ќе функционираат. Сецесионистичките тенденции ја држат назад Босна и јас сум многу повеќе охрабрен од Македонија“, кажа господинот Џозеф.

Од друга страна, Герт Аренс, поранешен Амбасадор и раководител на мисијата ан ОБСЕ во Албанија, кој, како што самиот вели, секогаш бил оптимист во однос на Македонија, предупредува дека со Охридскиот договор страдала меѓуетничката клима во земјата.

“Пред него беше подобро. Јас имам пријатели на двете страни на делбената линија. И Албанците и Македонците се повеќе заинтересирани за одвојување отколку за вистинска соработка. Но ова сепак нема да води кон војна. Може да има нереди, но во целина мислам дека Македонија е под контрола“, смета господинот Аренс.

Мартин Вулај од Националниот албанско-американски совет посочува и на официјалниот став на Македонија, дека статусот на Косово не е закана за државата. Тој на Македонија гледа како на позитивен пример за внатрешна соработка што придонесува и за стабилноста на регионот.

“Се согласувам дека општеството (во Македонија) е акутно поларизирано и соработката што ја имаме на владино ниво не се рефлектира на соработка во општеството, но мислам дека тоа не е резултат на Охридскиот договор. Мислам дека тоа е резултат на конфликтот што психолошки сеуште не е надминат“, вели господинот Вулај.

Па сепак, Дејвид Кејнан, аналитичар од Вашингтон, вели дека не треба да се заборави дека секое решение на Балканот произлегло од насилство, некој победил на бојно поле и промената е награда за насилство. Македонија е единствениот исклучок и тој смета дека е критично договорот постигнат во Македонија да опстане.

“Ќе биде голема трагедија ако тој договор пропадне. Тој договор е постигнат со ангажирање на внатрешните сили и навистина се надевам дека тоа ќе се одржи“, смета Дејвид Кенјан.

Можеби единствениот заклучок што со сигурност може да се извлече од оваа дискусија е дека меѓународната заедница веројатно уште некое време ќе остане ангажирана, но судбината на регионот е во рацете на внатрешните актери и договорот треба да произлезе од таму.

XS
SM
MD
LG