Линкови за пристапност

Пауел реагира на новата книга за започнувањето на војната во Ирак - 2004-04-20


Г-динот Пауел не го негира предупредувањето до претседателот за можни проблеми од инвазијата на Ирак за отстранување на Садам Хусеин. Но тој го отфрла тврдењето дека се противел на евентуална употреба на сила во Ирак или дека сега има несогласувања со потпретседателот Дик Чејни и останатите во администрацијата во однос на политиката за Ирак.

Коментарите на државниот секретар во две интервјуа дадени вчера беа негови први јавни изјави во однос на пишувањата за неговата предвоена улога во новата книга на Боб Вудворд од Вашингтон Пост, кој стана популарен по известувањето за скандалот Вотергејт во 70-тите години.

На околу 500 страници, г-динот Вудворд, меѓудругото, вели дека г-динот Пауел предупредил оти САД ќе се сметаат за одговорни за уништеното ирачко општество и економија по војната и оти тој неколкупати имал судири со потпретседателот и останатите во администрацијата кои биле преокупирани со извештаите за врските меѓу Садам Хусеин и терористите.

Г-динот Пауел за Асошиетед прес изјави дека тој како и сите други во администрацијата сакал да се стави крај на режимот на Садам Хусеин, и ги отфрли сугестиите на г-динот Вудворд оти г-динот Буш веќе во јануари минатата година ја донел одлуката за започнување на војна-односно, два месеци пред започнувањето на нападите.

Во радио - интервјуто со конзервативниот новинар Шон Хенити, г-динот Пауел рече дека одлуката за употреба на сила била донесена откако било сосема јасно дека дипломатските средства не можат да го натераат Садам Хусеин да ги исполни условите од повеќегодишните резолуции на ОН и оти тој ја поддржувал одлуката и тогаш и сега.

“Мило ми е што Садам Хусеин го нема. Мило ми е што тој режим не постои. Мило ми е што го сторивме тоа. Мило ми е што имаме претседател кој сака да не води. Имав одговорност пред претседателот и Советот за национална безбедност да посочам на некои предности и некои недостатоци. Доколку тоа не го сторев, јас немаше да си ја вршам работата“, изјави американскиот државен секретар.

Г-динот Пауел ја отфрли сугестијата во книгата на Вудворд дека тој и г-динот Чејни сега имаат нарушени односи и едвај разговараат. Тој рече дека тој и потпретседателот се добри пријатели речиси 20 години и оти пред патувањето на г-динот Чејни во Азија, тие имале три долги подготвителни разговори.

Државниот секретар кажа дека соработувал со авторот во Вашингтон Пост во подготовката на книгата, како и други претставници на администрацијата и оти во тоа немало „ништо невообичаено“.

Весникот Њујорк Тајмс вчера објави дека одлуката на г-динот Пауел да ги изнесе неговите несогласувања со американската политика за Ирак предизвикала „вознемиреност“ во Белата куќа, и ги одразува долгогодишните тензии што тлеат во кабинетот на Буш.

XS
SM
MD
LG