Европската банка за обнова и развој доби силна меѓународна поддршка за проширување на своите операции во најсиромашните седум земји во Источна Европа и Централна Азија.
Европската банка за обнова и развој доби поддршка од САД и Британија за зголемување на заемите на седум најсиромашни земји од 27-те на кои им е потребна помош.
Седумте земји се Ерменија, Азербејџан, Грузија, Киргистан, Молдавија, Таџикистан и Узбекистан. Претставници на банката велат дека на неколку други земји во Централна Европа, кои се квалификувани за добивање помош, повеќе не им се потребни заеми од оваа банка со што таа ќе може да се фокусира на посиромашните земји во Источна Европа.
Претседателот на Европската банка за обнова и развој, Жан Лемиер за време на отварањето на годишниот самит, зборуваше за предизвиците во регионот.
„Некои земји заостануваат, поради што сме сериозно загрижени. Ситуацијата во регионот се подобрува, но меѓународната заедница одбра седум земји кои се посиромашни и заслужуваат специјално внимание“, рече тој.
Британскиот премиер Тони Блер пред учесниците истакна дека штом банката со седиште во Лондон, ќе ги прошири своите операции, неговата земја ќе обезбеди финансиска помош, а ќе има и советодавна улога.
„И натаму банката треба да оствари главна улога во земјите од источна и јужна Европа. Банката треба да вложи поконкретни напори во овие земји од регионот кои се во почетна фаза од процесот на транзиција. На овие земји им е потребна значителна помош за да ја намалат сиромаштијата, да го поттикнат растежот, да се справат со корупцијата, организираниот криминал, како и со ХИВ-вирусот и СИДА-та“, истакна британскиот премиер.
Овој чекор на Европската банка за обнова и развој го поддржа и американскиот заменик-секретар за финансии Семјуел Бодман, кој кажа дека заемите треба да бидат сконцентрирани на поттикнување на малите и средни бизниси.
Г-динот Бодман за новинарите изјави и дека САД ја поддржуваат и неодамнешната одлука на банката за намалување на заемите за Узбекистан, поради загриженоста за непочитување на човековите права во оваа земја. САД, како што кажа г-динот Бодман, ја поддржуваат и идејата Монголија да се квалификува за заеми од банката.
Европската банка за обнова и развој го објави и економското предвидување за 2004-та во кое во земјите од Источна Европа и Централна Азија се предвидува растеж од 4,9 проценти, што претставува шеста последователна година на подобрување на економската состојба во овој регион.