Линкови за пристапност

Трибунал за воени злосторства: Преиначена првата пресуда за геноцид  - 2004-04-19


Апелационите судии во Трибуналот во Хаг за воени злосторства за поранешна Југославија го поништија единственото обвинение за геноцид. Тие најдоа дека поранешниот босанско-српски генерал Радислав Крстиќ е виновен за помало кривично дело – соучесник во геноцид, за масакрот во Сребреница од 1995, со што казната му е намалена за речиси една четвртина.

Оваа одлука можеби е удар за обвинителите, но апелационите судии едновремено го потврдија најзначајното тврдење од првичниот судски процес-дека она што се случило во Сребреница во 1995 година било геноцид.

Во петдневна акција, трупите на Босанските Срби спроведувале систематска егзекуција на меѓу 7 и 8 илјади муслимански мажи и момчиња, што според судијата Теодор Мерон требало да ја симболизира судбината на сите муслимани во Босна.

„Апелациониот суд недвојбено покажа дека законот ги осудува длабоките и трајни повреди нанесени со масакрот во Сребреница и тоа го нарекува -геноцид. Одговорните ќе го носат овој белег и тоа ќе служи како предупредување за оние кои во иднина можеби би размислувале за сторување ваков злосторнички акт“, рече тој.

Генералот Радислав Крстиќ, порнешен командант на босанско–српскиот корпус Дрина, беше еден од одговорните. Но колкава била неговата одговорност, беше суштината на неговата жалба до апелационите судии.

Во судската постапка пред три години, Крстиќ беше посочен како директен учесник во масакрот. Судиите донесоа одлука дека во неговиот случај постои потребната намера за тој да се смета за одговорен за геноцид, што значи дека тој имал намера да уништи цела група или дел од група, во случајот Босански муслимани.

Но апелациониот судија, г-динот Мерон објасни дека е исклучително голема одговорост за да се докаже едно од најсериозните злосторства во светот. Во случајот, рече тој, обвинителите не успеале да го докажат и пресудата била грешка.

„Апелациониот суд смета дека сите докази можат да покажат дека г-динот Крстиќ знаел за намерата да се стори геноцид на дел од некои членови на раководството, но и покрај тоа не сторил ништо за да го спречи персоналот на корпусот Дрина да ги извршат овие убиства“, истакна судијата Мерон.

Со други зборови, апелациониот суд заклучил дека обвинителите не успеале да докажат дека Крстиќ имал намера за сторување геноцид, но оти им помогнал на оние за кои знаел дека имале таква намера. Затоа тие го прогласиле за соучесник.

Очигледно нервозен, Крстиќ го проследи читањето на одлуката и намалување на казната затвор од 46 на 35-години. Неговиот адвокат, оваа одлука ја нарече добра.

Обвинителите изјавија дека ќе го анализираат случајот за да видат каде била нивната слабост. Но одлуката на судат дека убиствата во Сребреница се геноцид ја сметаат за исклучително важна.

XS
SM
MD
LG