Линкови за пристапност

Демократите во Конгресот го критикуваат Буш за Ирак - 2004-04-16


Претседателот Буш и натаму стои на определбата предавањето на власта во Ирак да се случи на 30-ти јуни, меѓутоа многумина Демократи во Конгресот изразуваат загриженост дека САД и нивните коалициони партнери не ги подготвиле Ирачаните за транзицијата.

Сенаторот Џозеф Бајден, влијателен Демократ во сенатската Комисија за односи со странство го покрена ова прашање вчерашниот говор во Вашингтон.

“Доколку предавањето на власта се случи навреме, а во очите на Ирачаните, ситуацијата остане иста, вклучувајќи ја и перцепцијата за американската окупација на заминување, ние само ќе ја вложиме и онака лошата ситуација, а ќе има и националистичка одмазда која гледаме дека веќе се случува. Но проблемот не е во датумот, туку во планот. Доколку можеме да изработиме рационален план за предавањето на власта, доколку во него го вклучиме и светот, доколку го убедиме ирачкиот народ за тој план, дека предавањето на власта ќе ги промени нивните животни услови, тогаш датумот 30-ти јуни нема да има значење“, вели господинот Бајден.

На брифингот за новинарите во Пентагон, и американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд говореше за ова прашање, но тој акцентот стави на одговорноста на Ирачаните во однос на успешноста на предавањето на власта.

“Лично, отсекогаш сум верувал дека да се има одговорност за одредена работа ги принудува луѓето да изберат – или да ја прифатат одговорноста или да ја одбијат. Во тој случај доаѓа на местото некој што ќе ја преземе таа одговорност. Ние сме во процес на предавање на таа одговорност и ќе видиме како тоа ќе одвива“, изјави секретарот за одбрана.

Но коментарот на г-динот Рамсфелд можно е да има мало влијание врз критиката која вели дека тој, заедно со другите американски претставници, немале соодветен план за окупацијата на Ирак, како и за престојниот премин на власта.

Еден од најгласните критичари на политиката на г-динот Рамсфелд е конгресменот Чарлс Ренгел, Демократ од федералната држава Њујорк. Г-динот Ренгел повторно го повика секретарот Рамсфелд да поднесе оставка на функцијата, бидејќи, како што вели, останале неодговорени премногу прашања.

“Со сета почит спрема вас г-дине секретаре, кога во ваши раце имате одговорност за стотици илјади лица и кога не можете на Американците да им кажете дали ја добиваме или губиме војната, кога не можете на Американците да им кажете кога ќе излеземе од ова измачување, кога не можете на Америка да и кажете дали создаваме повеќе терористи, отколку што убиваме, предлагам дека е време е да си поднесете оставка“, смета господинот Ренгел.

Во меѓувреме, заменикот-секретар за одбрана Пол Волфовиц застана во одбрана на начинот со кој администрацијата се справува со Ирак и повторно ја истакна нејзината определба за исполнување на мисијата.

“Кога на 1-ви јули суверенитетот ќе биде предаден на Ирачаните, нашите активности ќе се променат, но не и нашата определба. Ќе останеме во Ирак се додека не ја завршиме работата и ниту еден ден подолго“, изјави господинот Волфовиц.

Сенаторот Бајден пак, ја повика администрацијата да ја прошири улогата на меѓународната заедница, велејќи дека на Ирачаните им е потребна, како што кажа, значителна политичка, воена и економска помош.

“На Ирачаните им е потребен политички медијатор кој ќе посредува во нивните спорови, потребни им се странски трупи за да спречат граѓанска војна и дополнителни десетици милијарди долари покрај оние кои веќе се потрошени за реконструкција на нивната земја“, кажа сенаторот Бајден.

Во нередните неколку недели, сенатската Комисија за односи со странство со која претседава г-динот Бајден, ќе одржи распити за иднината на Ирак.

XS
SM
MD
LG