„И́ честитаме на Македонија за добро организиран прв круг на претседателските избори, особено што изборите беа подготвени во толку кус временски период по трагичната смрт на претседателот Трајковски“, кажа портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер, одговарајќи на нашето прашање на вчерашниот редовен брифинг да даде оценка за првиот круг на изборите.
Портпаролот Баучер ја спомена прелиминарната оценка на ОБСЕ дека изборите биле во голема мерка конзистентни со меѓународните стандарди за демократски избори и кажа дека САД немаат извештаи за сериозни нерегуларности.
„Со нетрпение го очекуваме продолжетокот на конструктивната кампања на демократски натпревар во вториот круг на изборите на 28 април и ги поттикнуваме сите регистрирани гласачи на Македонија да го искористат своето граѓанско право и да излезат на гласање“, рече господинот Баучер.