Македонија - избори
Според официјалните првични резултати од досега обработените гласачки ливчиња, во вториот круг од претседателските избори во Македонија што ќе се одржи на 28-ми април, влегуваат кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашко Кедев.
Ирак- убиен ирански дипломат
Иранските власти соопштија дена нивни дипломат бил убиен во Багдад. Иранската државна агенција ИРНА јави дека дипломатот Калил Наими бил културен и прес аташе во амбасадата. Непознати напаѓачи денеска пукале во автомобилот на дипломатот во близина на иранската амбасада. Ова убиство се случи кога специјална иранска делегација пристигна во Ирак за да посредува во кризата меѓу коалиционите власти предводени од САД и радикалниот шиитски свештеник Моктада ал-Садр. Главниот американски армиски офицер, генералот Ричард Маерс за време на посетата на Багдад кажа дека американските команданти бараат и ќе добијат повеќе војници за да им помогнат во задушување на бунтот.
Ирак - заложници
Тројца јапонски заложници во Ирак ослободени се по три недели, но десетици странци и натаму се во заложништво, а еден од нив грабнувачите го убиле.
САД – Блиски Исток
Палестинските лидери ја осудија поддршката од претседателот Буш на израелскиот план за повлекување на околу седум илјади израелски доселеници од Појасот Газа, додека најголем број од големите населби на Западниот брег ќе останат. Г-динот Буш вчера рече дека повлекувањето на сите еврејски населби од окупираните територии е нереално. Тој потоа ја поддржа израелската намера за задржување на големи делови од Западниот брег заземени во војната во 1967 година, во замена за повлекувањето од Газа. Палестинскиот премиер Ахмед Куреја го нарече г-динот Буш прв американски претседател кој им дал легитимитет на еврејските населби на палестинска територија. Палестинскиот претседател Јасер Арафат изјави дека неговиот народ ќе ја брани земјата и никогаш нема да престане да бара независност со главен град Ерусалим.
Израел – Палестинци
Израелските сили и вооружени Палестинци кусо се бореле утрово во бегалски камп во јужниот дел на Газа. Израелската армија кажа дека борбите избувнале кога војниците биле нападнати додека изведувале операција за уништување на тунел за шверц на оружје во област во близина на границата со Египет. Палестинците велат дека 20 лица, меѓу кои вооружени напаѓачи и цивили, биле повредени кога израелски хеликоптер испукал проектил. На Западниот Брег, изралеските војници растуриле две еврејски населби и уапсеиле седуммина доселеници кои се обиделе да ја спречат операцијата. И двете населби не биле населени.
Чејни во Азија
Американскиот потпретседател Дик Чејни пристигна во Јужна Кореја со предупредување дека доколку не се стави под контрола програмата за нуклеарно оружје на Северна Кореја, тоа може да предизвика трка за вооружување во регионот. Господинот Чејни денеска пристигна во Сеул од Шангај, во источна Кина, каде што говорел пред студентите на Универзитетот Фудан. Тој ја повторил загриженоста на САД дека Северна Кореја може да им ја даде својата технологија за нуклеарно оружје на терористички групи како ал-Каида. Се очекува потпретседателот истата порака да ја каже и во Јужна Кореја, каде што треба да се сретне со премиерот Го Кун, кој исто така е вршител на должноста претседател. Во врска со Тајван, господинот Чејни на студентите во Шангај им кажал дека САД го признаваат Пекинг како единствена легитимна влада на Кина.
ЦИА - грешка
Американската Централна разузнавачка агенција соопшти дека нејзиниот директор Џорџ Тенет погрешил кога рекол дека во август 2001 година не разговарал со претседаелот Буш, пред терористичките напади на 11 септември. Ова г-динот Тенет го изјави вчера во текот на сведочењето пред комисијата за истрага на нападите, со што предизвика неколку последователни прашања од видно вчудоневидениот член на комисијата. Денеска, ЦИА соопшти дека архивата покажала оти г-динот Тенеттој месец двапати го брифирал претседателот, еднаш на ранчот во тексас и еднаш во Вашингтон. Агенцијата исто така вели дека за време на едномесечниот престој во тексас, г-динот Буш ги добивал дневните извештаи на ЦИА.
Оставка на Свилановиќ
Реформистичкиот министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора Горан Свилановиќ денеска поднесе оставка и на негово место ќе биде именуван клучен член на српската владина коалиција. Новинските агенции од Белград јавуваат дека Горан Свилановиќ ја поднел оставката како дел од промените во кабинетот по декемвриските избори во Србија. Се очекува на негово место да дојде Вук Драшковиќ, лидер на Српското движење за обнова. Се очекува Парламентот утре да го одобри неговото именување на оваа функција.
Кипар
Грција вети блага поддршка на планот на ОН за решавање на поделбата на Кипар, но кажа дека ќе го поддржи изборот на кипарските Грци по овој план за време на референдумот во април. Грчкиот премиер Костат Караманлис во Атина изјави дека во врска со планот на ОН преовладуваат позитивните аспекти, но дека крајната одговорност за иднината на островот се наоѓа кај неговите жители. Во меѓувреме, на средбата на меѓународните донатори во Брисел, САД ветија 400 милиони долари помош за обнова на обединет Кипар. Понудата има услов двете заедници, на кипарските Грци и Турци, да го одобрат планот на ОН на референдумите што ќе се одржат на 24-ти април.