Јапонската влада потврди дека тројцата заложници биле ослободени и се на пат кон јапонската амбасада во Багдад. Од снимката од телевизиската станица Ал Џезира се гледа дека тие се во добра здравствена состојба.
Нориаки Имаи, Нахоко Такато и Соичиро Коријама во заложништво минаа една недела, по што биле предадени на муслиманските свештеници кои посредувале во кризата.
Нивните киднапери првично се заканија дека ќе ги убијат доколку Јапонија не ги повлече своите трупи од Ирак.
Видео снимката на која тие беа прикажани со врзани очи и опкружени од маскирани вооружени лица со пушки и ножеви, предизвика шок во Јапонија и администрацијата на премиерот Јунихиро Коизуми ја доведе во досега најголема криза.
Јапонија апелираше до неколку земји, меѓу кои САД, Иран, Обединетите арапски емирати и Тунис да помогнат за нивно ослободување.
Двајца други Јапонци, еден новинар и еден цивилен активист исто така се исчезнати, а јапонските медиуми јавија дека тие рано утрово биле земени за заложници.