Линкови за пристапност

vesti-14 - 2004-04-14


Ирак

Радикалниот свештеник на ирачките Шиити се согласил да ги повлече неговите услови за за преговори за излез од кризата со коалицијата предводена од САД.

Портпаролот на Моктада ал-Садр на новинарите во светиот град Наџаф им изјавил дека по интервенцијата на шиитските верски власти свештеникот одлучил да ги повлече неговите барања. Коалиционите сили се распоредуваат околу Наџаф, подготвени за почеток на нова офанзива против паравојската на свештеникот доколку тоа биде потребно. Во меѓувреме, во градот Фалуџа се јавува за нови воздушни напади и спорадични престрелки иако е обновено 48-часовно примирје.

Ирак-Заложници

Француски телевизиски канал соопшти дека еден од неговите новинари бил ослободен по киднапирањето пред три дена во Ирак.

Александар Јорданов бил грабнат во неделата јужно од Багдад. Тој е еден од 40-мината странци од 12 држави за кои американските власти велат дека ги киднапирале бунтовниците во Ирак. Насилството и заложништвата се причина некои земји да го разгледуваат нивното учество во Ирак. Русија вели дека од Ирак ќе евакуира над 800 руски државјани. А претседателот на Филипини кажа дека одлуката за повлекување на 50-мината филипински мировници од Ирак ќе зависи од безбедносната ситуација наредните денови.

Иран-Ирак

Иран вели дека САД побарале помош од оваа земја за ситуацијата во Ирак, а висок ирански претставник се наоѓа во Багдад на разговори со членовите на коалицијата под американско водство и со високите верски ирачки власти.

Дипломатскиот напор беше соопштен денеска во Техеран. Иранскиот министер за надворешни работи Камал Карази не појасни кога имало средба со американските претставници во Ирак, но за новинарите изјави дека патувањето во Багдад од страна на дипломатот Хосеин Садеги претставува прва официјална посета на Владата на Техеран во повоен Ирак.

Чејни-Азија

Американскиот потпретседател Дик Чејни замина од Пекинг откако на кинеското раководство му порача дека постои итна потреба за обновување на разговорите за нуклеарната програма на Северна Кореја.

Господинот Чејни пред лидерите на Кина приложи нови докази дека Северна Кореја поседува нукалерно оружје. Весникот Њујорк Тајмс пишува дека информацијата била добиена од висок пакистански научник за нуклеарно оружје кој рекол оти му биле покажани нуклеарни направи кога пред пет години бил во посета на Северна Кореја. Кина беше домаќин на две рунди преговори за севернокорејската нукалерна програма, но притоа не беше постигнат значителен напредок. Во меѓувреме постојат индикации дека Северна Кореја одлучила да чека на исходот од претседателските избори во САД, пред да прави какви било отстапки.

Буш-Шарон

Претседателот Буш денеска во Белата куќа се среќава со израелскиот премиер Ариел Шарон на разговори кои се очекува да се фокусираат на планот на г-динот Шарон за унилатерално повлекување на израелските трупи од палестински територии.

Со планот се предвидува евакуација на дваесет и една еврејска населба во Појасот Газа и четири изолирани населби на Западниот Брег. Од друга страна планот предвидува зајакнување на израелската контрола на останатите области на Западниот Брег. Г-динот Шарон за време на средбата со претседателто Буш се очекува да побара американски гаранции дека на палестинските бегалци нема да им се дозволи да се вратат во Израел. Палестинскиот претседател Јасер Арафат денеска изјави дека американската поддршка на планот на г-динот Шарон ќе го уништи мировниот процес и ќе доведе до нов бран на насилство.

Комисија-11-ти септември

Првиот човек на ЦИА вели дека ќе бидат потребни повеќе од пет години да се создаде разузнавачки систем што им е потребен на САД за да се одбранат од ал-Каида и од другите терористички групи.

Џорџ Тенет ја изнесе оваа проценка на денешното сведочење пред Комисијата која води истрага за терористичките напади во САД во 2001-та. Господинот Тенет кажа дека неговата агенција постигнала “огромен напредок“ во сопствената обнова откако во 90-те години и било намалено финансирањето од буџетот. Но тој рече дека американското разузнавање не успеало да ги открие плановите за нападите на 11 септември. Во денеска објавениот извештај Комисијата вели дека американското разузнавање немало систем за предупредување од изненадувачки терористички напад.

Авганистан

Меѓународните мировници во главниот град на Авганистан, Кабул велат дека уапсиле висок командант на милитантна група која се бори против странските сили во земјата.

Портпаролот на меѓународните безбедносни сили во Кабул одби да го идентификува уапсеното лице но рече дека тоа претставувало закана по жителите на градот, по ОН, странските хуманитарни работници и мировниците предворени од НАТО. Ова лице заедно со уште петмина осомничени бунотвници беше уапсено вчера, за време на заедничката операција со авганистанските безбедносни сили. Лицето се верува дека е влијателен командант во редовите на милитантната група Хезб-и-Ислами, предводена од бунтовничкиот лидер Гулбудин Хекматур за кој постои информација дека се здружил со терористите на соборениот талебански режим и Ал-Каида.

XS
SM
MD
LG