Линкови за пристапност

Според ДИК на претседателските избори во Македонија до 17:00 часот излегле над 50 проценти од гласачите  - 2004-04-14


На третите по ред претседателски избори до 17 часот излегле на гласање над 50 проценти од гласачите, соопшти Државната изборна комисија. Гласачките кутии на 2.973 гласачки места беа отворени од седум часот изутринава се до 19 часот, а конечниот број на гласачи кои го искористиле своето право на избор ќе биде познат вечерва. Според ДИК, до 15 часот и 30 минути попладнево, забележани се нерегуларности на три изборни места, селата Грчец, Моране и Теново.

„Во Грчец, според информациите со кои располагам, се случил одреден проблем, односно, членот на Избирачкиот одбор при кинењето на гласачко ливче, фатил две ливчиња и притоа настанал проблем кој бил веднаш решен и гласањето продолжило. За Моране, информацијата вели дека од членови на Гласачкиот одбор се одземени, односно, однесени записниците, на нивно место се дојдени замениците и гласањето се одвива. Имало некаква физичка пресметка, но тоа не го нарушило подолго време гласањето и по средување на состојбата, гласањето продолжило„ изјави портпаролот на ДИК, Зоран Танески.

Претходно, невладината организација „Мост“ која текот на изборниот процес го следи со 3.320 набљудувачи, јави дека тие забележале повеќе инциденти. За ваквото тврдење на невладината „Мост“, ДИК со став: „Државната изборна комисија смета дека не го почитувале кодексот и дека ги прекршиле одредбите од тој кодекс. Тие имаат право да набљудуваат, а се што забележале и што констатирале можат да го објават по 19 часот, по затварањето на гласачките места“, изјави портпаролот на ДИК, Зоран Танески.

Првичните резултати од овој прв круг на вонредните претседателски избори, ќе биде познати доцна вечерва.

XS
SM
MD
LG