Линкови за пристапност

Претседателот Буш најави дека доколку е потребно ќе испрати дополнителни сили во Ирак - 2004-04-14


Во воведниот говор на конференцијата што беше пренесувана во живо во вечерниот ударен термин на ТВ-мрежите на национално ниво, претседателот Буш уважи дека коалиционите сили минале низ неколку исклучително тешки недели справувајќи се со бунтовничките сили на муслиманите Суни и Шиити во Ирак, но подвлече дека САД и сојузниците мора да останат на курсот и да помогнат да дојде до политичка транзиција во оваа земја. Сега е времето - рече тој, а Ирак е местото, во кое непријателите на цивилизираниот свет ја ставаат на испит решеноста на цивилизираниот свет, и не смееме да попуштиме. Тој најави и дека, доколку биде потребно, ќе испрати дополнителни сили во Ирак.

„Ние не сме империјалистичка сила, ние сме ослободителна сила“, истакна американскиот претседател, останувајќи на претходно најавеното дека коалицијата под американско раководство на 30 јуни ќе ја предаде власта во раце на привремена ирачка влада, и покрај новонастаната ситуација. Тоа не е само датум и церемонија - кажа господинот Буш, туку обврска за Ирачаните да преземат одговорност за својата иднина. Тој ги отфрли сугестиите дека ситуацијата во Ирак може да се спореди со Виетнамската војна.

Господинот Буш смета дека САД и сојузниците се уште прават напредок во остварувањето безбедност и развивањето на демократијата во Ирак и дека тоа е важно за транзицијата на Блискиот Исток во целина Тој истовремено укажа дека би сакал да види нова резолуција на ОН што ќе ги повика другите земји да учествуваат во напорите за изградба и стабилизирање на Ирак.

Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали се чувствува одговорен дека можеби и можел да ги спречи терористичките напади од 11-ти септември и дека бил премногу фокусиран на Ирак, претседателот Буш кусо одврати – „лицето одговорно за тие напади е Осама бин Ладен“. Коментирајќи го падот на својата популарност во анкетите на јавното мислење тој со слична економија во изразот кажа – „не ги засновам своите одлуки врз основа на анкетите“.

Најверојатниот кандидат за претседател од редовите на Демократската партија, Џон Кери, вчера го критикуваше планот за предавање на власта во Ирак на 30 јуни. Тој се почесто го напаѓа претседателот Буш дека нема сеопфатен план за Ирак и дека со својата политика ги отуѓува американските сојузници во светот.

XS
SM
MD
LG