Линкови за пристапност

Јорданскиот принц Хасан ја критикува окупацијата на Ирак - 2004-04-13


Истакнат член на кралското семејство на Јордан ја критикуваше окупацијата на Ирак под американско раководство. Принцот Хасан вели дека и зголемен број на американски трупи нема да успеат да ја смират ситуацијата во Ирак.

Принцот Хасан е вујко на јорданскиот крал Абдула и се смета за еден од авторитетите по прашања од надворешната политика.

Принцот Хасан за Британското радио кажа дека е загрижен поради насилството што излегува од контрола во Ирак, источниот сосед на Јордан.

„Окупацијата го потхранува отпорот, а отпорот предизвикува екстремно насилство кај окупираните, што пак предизвикува натамошно страдање, водејќи кон уште поголем отпор. Тоа е спирала на насилство, сеедно дали ќе го наречете национално востание или делумно востание - факт е дека без да се справите со коренот на проблемот, што ќе рече – самата окупација, навистина не гледам како може да помогне распоредувањњето на дополнителен број војници на теренот“, вели тој.

Американскиот командант на силите на Блискиот исток, генералот Џон Абизаид побара засилување од десет илјади војници во Ирак откако нарасна обемот на борбените дејствија против милитантите во земјата.

Принцот Хасан вели дека Ирак е дел од меѓународен конфликт што се шири и кој ќе однесе уште многу животи.

„Чинови на терор, геноцид, две големи неодамнешни војни, смрт на многу илјади луѓе од сите раси и религии. Каде запира насилството? Она што јас го гледам е серија на незавршени работи: Авганистан, Ирак, Палестина. Така, тоа не е Трета светска војна меѓу армии. Се работи за нешто многу поопасно. Мислам дека тоа е, така да кажам, Трета светска анархија, што се шири додека зборуваме“, истакнува принцот Хасан.

Тој ги изрази своите погледи еден ден пред кралот Абдула да се сретне со претседателот Буш во Белата Куќа на разговори посветени на Ирак и израелско-палестинскиот конфликт.

XS
SM
MD
LG