Линкови за пристапност

НАСА вели дека нејзините две теренски возила на Марс се во добра техничка состоја  - 2004-04-09


Раководителите на мисијата на Марс соопштија дека „Спирит“ и „Опортунити“ минатава недела ги исполниле речиси сите нивни првични цели, а во најголем број на случаи и ги надминале очекувањата. Тие направија панорамски фотографии од нивното опкружување од 360 степени, дупчеа и ги испитуваа карпи и минаа по најмалку 600 метри по површината на Марс. Тие завршија речиси се во нивната потрага по знаци на вода што некогаш постоела на Марс.

Раководителот на мисијата на „Спирит“, Џенифер Троспер, вели: „Спирит“ ги заврши сите овие цели и мисијата е успешна. „Спирит“ ќе продолжи и понатаму и останува да видиме што ќе се случи“.

Возилото-близнак „Опортунити“ пред неколку недели откри докази дека во минатото на Марс постоело пространство плитка солена вода, веројатно море, каде според научниците можеби имало живот. „Спирит“, пак, пренесе знаци дека водата влијаела на формирањето на карпите на другата страна на Марс, иако научниците не открија знаци дека тоа било голема површина на вода.

НАСА сега реши возилата да продолжат да работат барем до средината на септември. Раководителот на програмата за истражување на Марс, Фируз Надејри, вели дека не може со сигурност да се каже дека возилата ќе изрджат толку долго, иако сите системи засега функционираат во ред.

„Иако сите наши очекувања се до септември, ние на оваа продолжена мисија гледаме како на дополнителна научна работа. Можно е возилата да издржат уште 250 дена, или пак е може во средината на јуни едно или обете возила да престанат да работат“, истакнува Надејри.

Тој инаку е родум од Иран, вели дека до средината на септември на соларните плочи на возилата нема да се собере многу прав од површината на Марс за да ги попречи да произведуваат енергија. Тестирањето на нивните мотори и другите компоненти пред лансирањето покажало дека тие би требало да функционираат дотогаш и да ги издржат постојаните екстремни температурни флуктуации на Црвената планета.

Претставникот на НАСА рече дека доколку теренските возила и натаму функционираат и по средината на септември, вселенската агенција ќе донесе нова одлука за повторно продолжување на нивната мисија.

XS
SM
MD
LG