Линкови за пристапност

vesti-9 - 2004-04-09


Ирак

Американскиот цивилен администратор во Ирак, Пол Бремер објави едностран прекин на огнот во градот Фалуџа, каде американските сили веќе петти ден водат борби со ирачките бунтовници.

Пол Бремер изјави дека привремениот прекин на офанзивата има за цел да овозможи разговори меѓу членовите на Ирачкиот владејачки совет назначен од САД и бунтовничките лидери. Во Багдад, кој падна во рацете на коалицијата пред една година, атмосферата беше релативно мирна се додека не се случи експлозија во близина на еден хотел во кој престојуваат странци. Засега нема извештаи за загинати. Во меѓувреме, во останатите делови од централен и јужен Ирак, американските и коалиционите сили продолжуваат со напорите да го задушат бунтот од припадниците лојални на радикалниот шиитски свештеник Моктада Ал-Садр.

Ирак-Хуманитарна катастрофа

Русија повика на запирање на борбите во Ирак предупредувајќи дека е можна хуманитарна катастрофа во ирачките градови.

Во соопштение на министерството за надворешни работи се вели дека е од витално значење да се спречи натамошна ескалација на конфликтот во Ирак. Министерството вели дека според резолуција на Советот за бебзедност на ОН, окупационите сили мора строго да се придржуваат на меѓународните хуманитарни закони, особено во спречување на несоодветна употреба на сила. Претходно британскиот секретар за надворешни работи Џек Строу предупреди дека ситуацијата во Ирак една година по соборувањето на режимот во Багдад, е најсериозната со која досега се соочила коалицијата под американско водство. Секретарот Строу за британското радио изјави дека тензиите и притисокот меѓу ирачкиот народ, што биле потиснати под власта на Садам, сега се насочени за одреден степен кон коалиционите сили предводени од САД.

Комисија-11-ти септември

Администрацијата на претседателот Буш планира да го декласифицира документот во кој имало разузнавачки податок оти Ал-Каида планирала напади неколку недели пред оние на 11-ти септември 2001-та.

Портпаролот на Советот за национална безбедност вели дека Советот има намера да го декласифицира меморандумот со наслов – Бин Ладен определен да нападне во САД. Комисијата која води истрага за нападите од 2001-та и формално побараа од Белата куќа да го објави во јавност документот кој на претседателот Буш му бил доставен на 6-ти август 2001. Вчера, американскиот советник за национална безбедност, Кондолиза Рајс пред членовите на комисијата кажа дека моморандумот не бил предупредување за претстоен напад. Таа кажа и дека не постоела ниту една единствена мерка која би ги спречила тие напади.

Ирак-Јапонија

Семејствата на тројцата државјани на Јапонија кои се киднапирани во Ирак, ја молат јапонската Влада да ги повлече трупите од Ирак, но премиерот Јунихиро Коизуми вели дека Токио нема да им се предаде на терористите кои го упатија истото барање.

Телевизиските мрежи во Јапонија неколкупати ги прикажуваа драматичните видео снимки од тројцата заложници додека киднаперите во нив имаат вперено ножеви. Претходно непознатата група ја објавила видео лентата на заложниците – двајца мажи и една жена, велејќи дека ќе ги запали живи доколку Токио не ги исполни нејзините барања. Стотици демонстранти денеска се собраа пред владините канцеларии повикувајќи на повлекување на јапонските војници од Ирак.

Чејни-Азија

Американскиот потпретседател Дик Чејни на земјите од Азија наредната недела се очекува да им порача да останат на курсот во Ирак.

Господинот Чејни денеска заминува на еднонеделна турнеја низ Азија при што ќе ги посети Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Тој се очекува на тамошните лидери да им каже оти неодамнешната ескалација на насилството во Ирак, нема да ја ослабе американската определба за формирање на демократска влада во Багдад. За разлика од Јужна Кореја и Јапонија, Кина не учествува во коалицијата во Ирак под американско водство. Јужна Кореја и Јапонија имаат кажано дека не планираат да стават крај на нивната улога во реконструкцијата на Ирак. Господинот Чејни истакна и дека со лидерите на овие три земји ќе разговара и за напорите за стопирање на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Северна Кореја

Северна Кореја ги обвини САД за тоа што воената ситуација на Корејскиот Полуостров ја довеле до работ на нуклеарна војна.

Во коментарот издаден од севернокорејската официјална новинска агенција, Пјонгјанг ги наведува, како што ги нарекува, историските факти, дека сторил се што можел за да ја расреши нуклеарната криза. Во кометарот се обвинува администрацијата на претседателот Буш за ескалирање на тензиите на Корејскиот Полуостров, а за шестпартитните разговори за нуклеарната програма на Северна Кореја што се одржаат во Пекинг во февруари кажа дека не вродиле со плод. Новата рунда разговори се очекува да започне кон крајот на јуни. Претставниците од САД, Јужна Кореја и Јапонија, неделава се сретнаа во Сан Франциско и повикаа на формирање на работни групи како претходница за формалната рунда разговори.

XS
SM
MD
LG