Линкови за пристапност

Ѓуровски:  Македонските војници во Ирак се добро, Македонија останува во антитерористичката коалиција - 2004-04-08


Припадниците на македонскиот армиски контингент во операцијата „Слобода за Ирак“ се во добра здравствена состојба и ги извршуваат поставените задачи, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик портпаролот на Министерството за одбрана Маријан Ѓуровски, коментирајќи ја актуелната ситуација во Ирак, каде во последниве денови избија повеќе оружени инцидети, при што имаше и жртви на страната на меѓународната антитерористичка коалиција, во која учествува и македонски воен контингент.

„Генералштабот на АРМ и нашите воени претставници во Централната команда на САД во Флорида се во редовна комуникација и размена на информации со македонските војници во Ирак. Имајќи ја во предвид состојбата во Ирак, врз основа на одлуката на Собранието на Република Македонија, во мисија беа испратени припадници на единицата за специјални намени, кои се подготвени да одговорат на мисијата“, вели Маријан Ѓуровски.

Според портпаролот на Министерството, актуелните случувања во Ирак и зголемениот ризик од инциденти нема да ја поколебаат Македонија да продолжи активно да учествува во глобалната борба против тероризмот.

„Со оглед на новонастанатата состојба, вниманието е зголемено од страна на македонскиот контингент и претпоставената команда на САД, и не може да се исклучат одредени инциденти. Она што се случува во Ирак нема да не поколеба, и Република Македонија ќе опстои на страната на глобалната борба против тероризмот, која е тешка задача, но тоа го знаевме и кога Република Македонија пристапи кон антитерористичката коалиција. Во овие специфични моменти не треба да се потклекне. Напротив, сега очекуваме антитерористичката коалиција да стане посилна од новонастанатата состојба во Ирак,. Република Македонија останува дел од антитерористичката коалиција, зацврстувајќи го стратешкото партнерство со САД и вбројувајќи се во земјите-членки на коалицијата – контрибутори на стабилноста и мирот во светот“ изјави за Гласот на Америка на македонски јазик портпаролот на Министерството за одбрана Маријан Ѓуровски.

XS
SM
MD
LG