Линкови за пристапност

Меѓународната награда за новинарство за новинар на Вашингтон Пост за известување од војната во Ирак - 2004-04-06


Новинар на “Вашингтон Пост“ ја доби Пулицерова награда за меѓународно известување од војната во Ирак. Кои се 88-те добитници на Пулицеровата награда во различни категории, инаку најпрестижниата награда во американското печатено новинарство?

Новинарот Ентони Шадид, Американец со либанско потекло, кој говори и чита арапски, ја доби наградата за меѓународно новинарство за серијата стории за Ирак. Сиг Гислер, кој е на чело на одборот за доделување на Пулицеровата награда, вака ја образложи одлуката.

„Победник е Ентони Шадид од “Вашингтон Пост“ за неговата невообичаена способност да ги забележи, на сопствен ризик, гласовите и чувствата на Ирачаните додека нивната земја беше под инвазија, нивнииот лидер соборен, а нивниот начин на живот променет од корен“, рече тој.

Војната во Ирак доминираше во вестите во САД минатата година, но на изненадување не ги засени другите теми. Господинот Гислер вели дека годинешниот победник и финалистите одразуваат широк спектар на теми и доаѓаат од весници низ целата земја, од мали градови до големи урбани центри.

„Претставен е широк спектар на области од земјата и голем избор на теми, особено во година кога секој би помисил дека војната е доминантна тема. Мислам дека тоа е добар пример за високиот квалитет на новинарството во земјата“, рече г-динот Гислер.

Голем победник беше весникот Лос Анѓелес Тајмс, кој освои награди во пет категории – за критика, за коментари, за известување на национално ниво, за фотографија и за известување за шумските пожари во Калифорнија или наградата за главна вест. Ниту еден друг весник не освоил толку многу награди, освен Њујорк Тајмс, кој во 2002 година освои награди во седум категории за известување од терористичките напади на 11 септември 2001.

Вол Стрит Џурнал освои награди во две категории, за проблемско новинарство и за објаснувачко известување за анеуризмот, често запоставувана здравствена состојба од која умираат илјадници Американци секоја година.

Колумнистот на Мајами Хералд Леонард Питс Јуниор ја доби наградата за коментар, А Њујорк Тајмс наградата за написи во служба на јавноста за серијата текстови за смртни случаи и повреди на работно место.

Медиумските гиганти не се единствените победници. Весникот Блејд од Толедо, Охајо, ја доби престижната награда за истражувачко новинарство за серијата во која се истражуваа злосторства на американските војници за време на војната во Виетнам. Еден мал весник од предградие на Њујорк ја доби наградата за карикатура. За прв пат од воведувањето на наградата за репортажа во 1979 година, Бордот на Пулицер реши годинава да не ја додели оваа награда.

Комисијата на Пулицер исто така додели награди за книжевни дела. Две книги победнички оваа година се за ропството, а две се за Советскиот Сојуз, теми за коои господинот Гислер вели дека постојано ги интересираат Американците. Доу Рајт ја доби наградата за драма за неговата хит претстава “Јас сум сопствената сопруга“, заснована на вистинска приказна за германски трансвестит кој го преживеал и нацистичкиот и комунистичкиот режим.

XS
SM
MD
LG