Линкови за пристапност

На церемонијата во Брисел НАТО официјално им посака добредојде на седумте нови членки - 2004-04-02


Едно по едно знамињата на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија беа поставени покрај оние на постарите земји членки на НАТО, додека воениот оркестар ги изведуваше нивните национални химни.

Бугарскиот министер за надворешни работи Соломон Паси ги задржуваше солзите додека знамето на неговата земја се креваше веднаш до белгиското и канадското. Неговите колеги со гордост го набљудуваа искачувањето на нивните знамиња на јарболите.

Генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Скефер овој ден го нарече ден на радост, истакнувајќи дека новите членки, сите поранешни комунистички земји, долго време чекале за да се приклучат на групата слободни држави.

Русија не е среќна поради проширувањето на НАТО до Балтичките држави и предупреди дека секое движење на трупите ќе им наштети на односите НАТО-Русија. Но генералниот секретар Скефер ги отфрли ваквите стравувања од евентуални нови тензии со Москва и ја поздрави одлуката на новиот руски министер за надворешни работи Сергеј Лавров да им се приклучи на неговите колеги од НАТО на разговорите во Брисел.

„Потребно ни е конструктивно партнерство. Мислам дека во интерес на НАТО, а и на Русија е да имаме добро партнерство, каде ќе разговараме за сите форми на практична соработка. Мислам дека Советот НАТО-Русија во изминатите години добро функционира. Разговараме за теми за кои се согласуваме. Но исто така разговараме и за многу покомплицирани теми, за кои не постои целосна согласност. Но токму затоа и постои Советот НАТО-Русија“, истакна Скефер.

Министрите на НАТО разговараат за тоа како ветувањата во однос на проширувањето на безбедноста во Авганистан да се претворат во конкретен придонес со персонал и опрема. Алијансата беше критикувана од страна на невладините организации кои работата во Авганистан поради плановите за формирање на провинциски тимови за обнова во безбедните области на земјата, и поради неуспехот во справувањето со трговијата со дрога од страна на бунтовниците, со се помоќните локални воени лидери и со постојаните насилства.

Иако од денешниот состанок не се очекува никаква одлука за тоа дали НАТО треба да игра поголема улога во Ирак, како што тоа го бараат САД, романскиот министер за надворешни работи Мирчеа Џоана изрази цврста поддршка за тамошно присуство на Алијансата. „Сите ние, земјите кои страдавме под комунистичкото диктаторство, имаме не само стратешка потреба за стабилизација на Ирак, туку исто така и морална обврска да им помогнеме на земјите кои страдаат од слични или полоши диктаторства од она што го доживеавме ние под Чаушеску“, вели господинот Џоана.

Исто така на дневен ред на разговорите се напорите на НАТО за стабилизација на Косово по неодамнешното избувнување на етничките насислтва меѓу Србите и Албанците. Г-динот де Хоп Скефер вети дека трупите на НАТО ќе ја продолжат потрагата по босанскиот Србин обвинет за воени злосторства Радован Караџиќ и покрај вчерашниот неуспешен обид за негово апсење.

Министрите на НАТО се очекува и да ги обноват плановите за помош на медитеранските и северноафриканските држави за зајакнување на анти-терористичките активности и реформите на нивните армии.

XS
SM
MD
LG