Линкови за пристапност

ОПЕК го намали производството на нафта и покрај рекордно високите цени во развиените земји - 2004-04-01


Организацијата на земјите извознички на нафта, ОПЕК, реши да го намали производството на нафта за четири проценти, во време кога цените на бензинот во САД и во другите индустријализирани земји се на рекордно високо ниво. Какви се прогнозите на аналитичарите за тоа како ќе се движат цените?

Почнувајќи од денеска, 11-те земји-членки на ОПЕК најавија дека ќе го намалат нафтеното производство за еден милион барели дневно. Ваквата одлука е донесена во време кога цените на бензинот во САД драматично растат и кога постои загриженост дека повисоките цени може да остварат негативно влијание на светската економија.

Но Дентон Синграна, уредник на стручната публикација „Информативна служба за цените на нафтата“ со седиште во Њу Џерси, вели дека цените на суровата нафта всушност се намалиле по соопштението за намалување на обемот на производството, делумно бидејќи купувачите на нафта сега можат да сметаат на веројатноста одредени земји-членки на ОПЕК да не се водат според договореното.

„Има многу од овие помали земји кои навистина зависат од сопственото производство на нафта, за да ги одржат своите економии, и тие секогаш ќе гледаат да провлечат неколку дополнителни барели нафта, неколку стотици илјади или 200.000 барели дневно, за да ја искористат предноста на овие повисоки цени“, вели тој.

Новата пониска квота на производство на нафта што ја постави ОПЕК е 23 и пол милиони барели дневно. Министрите на ОПЕК се согласија на вакво скратување поради очекувањето од сезонски пад во побарувачката на нафта во кварталот од април до јуни и зголемувањето на залихите што би можеле да доведат до остар пад на цената на нафтата.

Дентон Синграна вели дека САД имаат некакви можности за намалување на цените поради Стратешките нафтени резерви - големите складишта на нафта лоцирани во Луизијана и Тексас. Претседателскиот кандидат на демократите Џон Кери побара пуштање во оптек на дел од таа нафта за намалување на цените на бензинот, но администрацијата на Буш се обидува да ги задржи овие резерви за да спречи евентуален нафтен шок во земјата во иднина.

Г-динот Синграна истакнува дека огромните резреви на САД даваат можност за задржување на енерегетските трошоци под контрола.

„Претседателот Буш сака да ги задржи тие 700 милиони барели нафта во овие капацитети. Мислам дека во моментот таму има околу 650 милиони барели. Некои сугерираат дека ослободувањето на 70 милиони барели од складираната нафта може да предизвика значителен пад на цените на нафтата“, додава тој.

Цената на нафтата може да стане едно од најважните прашања во следните месеци, како резултат на зголемените енергетски барања во Кина и големиот притисок врз цените на бензинот во САД, како и поради летната патничка сезона. Аналитичарите сметаат дека наглиот пораст на цените на бензинот е поврзан со ограничениот капацитет на американските рафинерии за преработка на вишокот на нафта во бензин.

XS
SM
MD
LG