Линкови за пристапност

Фатос Нано: потребно е Балканот да се стабилизира за да влезе во Европа - 2004-03-31


Посетата на Вашингтон, г-динот Нано ја оцени како стимулативна за напредокот во земјите од Централна и Јужна Европа, за создавање на мирен современ, демократски регион со функционални институции и транспарентни граници и администрации, со заеднички интерес и заложби за борба против современите зла, како тероризмот и организираниот криминал и шверцот на стоки и луѓе. Неодамнешните насилства на Косово за г-динот Нано немаат никаква врска со односите на релација Тирана-Белград. „Секогаш постои комуникација на релација Тирана-Белград-Скопје-Вашингтон-Брисел- Приштина во полза на безбедноста и соживотот на Косово и во регинот“, истакна албанскиот премиер. Тој рече дека во време на избувнувањето на етничките насилства во Приштина, тој ја споделувал загриженоста на г-дата Реџепи, Холкери, Коштуница, Тадиќ и Скефер и другите важни личности во однос на Косово, како и желбата за модернизација на институциите и за отворање на ова општество, за реинтеграција на Србите и за напредок на Косово, Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора кон ЕУ.

„Среќен сум што најновиот изблик на етничка омраза заврши за неколку часа. Тоа значи дека на Косово и во регионот нема враќање на етничкото насилство и омраза. Тоа значи дека сите ние имаме исти партнери за соработка за поинаква иднина, исти цели и интереси кои ги имаме во агендата на сите влади или држави на Балканот. Не треба да се обидуваме недостатокот на власта дома да го компензираме со фрлање кал на прозорците на соседите“, рече г-динот Нано.

Тој изрази задоволство што, како што ја нарече, неконтролираната ситуација на Косово траела кусо време, и што уште следниот ден, како што кажа, по негова сугестија, г-динот Реџепи веднаш реагирал и покренал иницијатива за солидарност, за обнова на обнова на српските домови, цркви и училишта. „Таа ја има целосната поддршка на Албанците во Албанија, на албанските политички партии на Косово, меѓународната заедница и другите верски институции кои поддржуваат мирна кохабитација“, додаде албанскиот премиер. Во овој контекст тој ја посочи акцијата на Албанската Православна црква, која на косовските власти им ветила 600.000 долари за реконструкција на една црква и една џамија.

„Нема да има европеизација на Балканот, стабилност на Балканот, демокраизација и кохабитација за народите на Балканот, без Србија да биде на вистинската патека. Без Косово, Србија и Црна Гора, Албанија, Скопје и Загреб да бидат на истата европска патека за асоцијација и идно полноправно членство. Мора заеднички да работиме и не смееме да ги занемаруваме црните дупки на мапата“, рече премиерот Фатос Нано.

XS
SM
MD
LG