Линкови за пристапност

Косово две недели по етничките судири - 2004-03-31


Се започна откако две албански момчиња се удавија во реката во северниот дел на покраината каде што има тензии. Едно 10-годишно момче што преживеало кажа дека Срби ги бркале до студената река. Еден ден потоа насловите на весниците во Приштина беа “Србите убија албански момчиња“. Ескалираа страстите. Се шпекулираше дека се подготвува насилство. Албанците ги затворија продавниците пред да експлодира насилството во анти-српските протести на 17 март.

Хуманитарните работници велат дека Србите и српскиот имот, особено црквите, очигледно биле целта. Исто така велат дека иако демонстрациите започнале мирно набрзо биле искористени од екстремистите кои не сакаат Србите да живеат на територијата на која 90 отсто се етнички Албанци.

Тука во Приштина, околу 300 Срби живеат во таканаречените југословенски згради, станбен комплекс во центарот на градот. Лекарот, етнички Албанец, Блерим Чила, чија клиника е на приземјето, вели дека демонстрантите кои биле бесни заради смрттта на албанските момчиња влегле во зградата.

“Тие знаеја дека имаше странци и Срби. Дојдоа тука да го искажат својот револт. И што се случи? Некои, не знаеме кои, почнаа да ги кршат прозорците. А потоа ја палеа“, вели д-р Чила.

Деловите од комплексот згради во кои живеат етнички Албанци, како лекарот, не биле нападнати. Но еден голем дел каде што живеат етнички Срби целосно изгорел.

Еден од жителите во тој дел на југословенските згради била Весна Бојичиќ, новинарка на Гласот на Америка на српски јазик. Тоа ја опишува ноќта на терор кога албанската толпа, при што воопшто немало полиција, го запалила нејзиниот дел од комплексот згради, додека таа била заедно со уште 32-ца жители кои дошле во нејзиниот стан да се скријат.

“Мојата прва помисла беше дека ако дојдат во станот знам што ќе сторат со нас. Ќе го земам мојот син и ќе скокнам од петтиот кат. Бидејќи не ни сакав да помислам што ќе се случи со мене ако ме фатат со синот“, вели госпоѓица Бојичиќ.

На крајот, еден колега, етнички-Албанец и помогнал на госпоѓица Бојичиќ со тоа што ги повикал полициските сили на ОН.

“Кога се обидов да ја напуштам зградата тие се обидоа да не убијат. Една жена, американски полицаец, ме зеде и ме истурка под еден автомобил, и почна да пука во нив. Во меѓувреме дојдоа многу војници и почнаа да ги заштитуваат другите“, вели Бојичиќ.

Агенцијата за бегалци на ОН кажа дека кога завршиле нередите во провинцијата, 15 етнички Албанци и шестмина Срби биле мртви, додека околу 800 лица биле повредени, а над четири илјади останале без покрив над главата, од кои повеќето се етнички Срби.

Блерим Чила, лекарот етнички Албанец, ја обвинува полицијата на ОН дека не успеала да ги заштити зградите. Тој вели дека пожарникарски коли воопшто не дошле.

“Никој не дојде да помогне. Јас, со мојата клиника тука, ги прашував УНМИК и КФОР што се случуваше?“, вели д-р Чила.

Косовскиот премиер вети брзо обновување на изгорениот дел од југословенските згради, од каде што беа раселени 269 Срби.

Новинарот на Гласот на Америка, Весна Бојичиќ, се сомнева во тоа. Таа е исплашена од суровоста на насилството на толпата, од анти-српските слогани и од ограбувањето на становите. Како повеќето Срби, кои во моментов живеат во привремени засолништа на југ на градот под заштита на шведските војници, таа се колеба да се врати во градот во кој е родена.

“Мислам дека нема. Знаете, сега сум во Грачаница и се чувствувам безбедно. Но не би можела да кажам дека ќе можам сега да бидам безбедна во Приштина“, вели госпоѓица Бојичиќ.

Хуманитарните работници и меѓународните претставници се уште се шокирани од нередите во цело Косово. Тие велат дека ОН и мировниците предводени од НАТО или КФОР, не биле подготвени и биле изненадени од степенот на насилство.

XS
SM
MD
LG