Републиканскиот конгресмен Даглас Биројтер од федералната држава Небраска, кој е спонзор на Резолуцијата, по повод нејзиното усвојување кажа дека сегашната рунда на проширување со седум нови земји, инаку петта во историјата на НАТО, само дополнително ќе ги избрише линиите на поделби долж Европа што беа зацртани на Јалта и натамошно ќе ја зголеми зоната на мир и безбедност во евро-атланскиот регион.
Конгресменот Биројтер исто така ја повтори поддршката што Претставничкиот дом ја има за натамошното проширување на НАТО. Резолуцијата наведува дека на престојниот Самит на НАТО во Истамбул во јуни годинава, лидерите на Алијансата „би требало да се согласат да го разгледаат процесот на проширувањето, вклучувајќи ги тука и пријавите на Албанија, Хрватска и Македонија, на некој нареден самит што би требало да се одржи не подоцна од 2007-ма“.
Говорејќи за 2007-та година како рок за наредното проширување, конгресменот Биројтер кажа: „Верувам дека се работи за разумен временски рок што на НАТО ќе му даде време да ги инкорпорира седумте нови членки, а истовремено ќе обезбеди дека преостанатите три земји-кандидати нема да бидат заборавени.“
Конгресменот Биројтер претседава со поткомитетот за Европа во Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом, а минатата година тој ги посети сите седум земји, нови членки на НАТО. Летово тој планира да ги посети Албанија, Хрватска и Македонија.