Линкови за пристапност

vesti 30 - 2004-03-30


Ирак

Американската армија вели дека еден американски војник бил убиен, а друг бил повреден при бомбашки напад западно од Багдад.

Инцидентот се случил денеска во близина на Ал-Хабанија во областа позната како Суни Триаголник. Во одвоен настан, шефот на полицијата во градот Хила успеал да избегне на бомбаш самоубиец кој со автомобил влегол во неговиот дом и го активирал експлозивот. Куќата била мошне оштетена, при што биле повредени две лица. Во меѓувреме, во светиот шиитски град Наџаф, протестот на невработени Ирачани станал насилен. Најмалку пет лица биле повредени кога демонстрантите кои фрлале камења се судриле со шпанските војници и ирачката полиција.

САД-Избори

Претседателот Буш денеска ќе пристигне во федералната држава Висконсин за да ја промовира својата економска и трговска политика, кои се сметаат за клучни теми на претстојните претседателски избори.

Ова е деветта посета на господинот Буш на Висконсин, каде што имаше многу отпуштања на работници. Претставници на Белата куќа велат дека претседателот ќе каже оти САД мора да се спротивстават на политиката на изолационизам што би ги оддалечило САД од новите пазари и да се одржат ниските даноци за малите фирми и за семејствата. Во меѓувреме, претседателскиот кандидат на Демократската партија, Џон Кери планира денеска да говори на Универзитетот во Сан Диего за неговите планови за намалување на цената на бензинот и за отворање на 10 милиони нови работни места.

Узбекистан-Тероризам

Властите во Узбекистан велат дека околу 20 осомничени терористи загинале во денешниот судир со безбедносните сили во близина на резиденцијата на претседателот Ислам Каримов во Ташкент.

Државната телевизија јави дека петмина полицајци биле ранети при нападот на узбекистанските специјални сили упаднале во засолниште во близина на резиденцијата. Медиумите јавија и за експлозии и пукање во главниот град. Денешните насилства уследија по серијата експлозии на бомби и вооружени пресметки со осомничени терористи во неделата и во понеделникот во Ташкент и Букара. Властите велат во тогашните насилства загинале најмалку 19 лица а 26 биле повредени.

Русија-Литванија

Русија протера тројца литвански дипломати, што очигледно е одмазда на сличниот потег на Литванија пред неколку недели.

Руското министерство за надворешни работи денеска го соопшти овој чекор, велејќи дека тие протерани заради активности што не биле соодветни со нивниот дипломатски статус и што и наштетувале на Руската федерација, фраза што обично се користи за шпионирање. Русија предупреди дека може да се одмазди откако Литванија протера тројца руски претставници во февруари. Русија и Естонија истото го сторија во почетокот на овој месец. Тензиите со Русија се зголемуваа пред влегувањето на балтичките земји во ЕУ и НАТО. Балтичките земји вчера станаа членки на НАТО, а во Еу официјално влегуваат на 1-ви мај.

Шпанија-Истрага

Шпанските власти соопштија дека во фокусот на истрагата за нападите врз возовите во Мадрид на 11 март се наоѓа една мароканска исламистичка група.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Анхел Асебес денеска во Мадрид изјави дека властите ги истражуваат врските на тнр. Мароканска исламска група за борба. Шпанските власти исто така објавија дека се уапсени двајца Сиријци и еден Шпанец во врска со овој случај. Во меѓувреме, шпанскиот судија Хуан дел Олмо денеска нареди дополнителна истрага за двајца осомничени за нивната наводна улога во бомбашките напади, со што вкупниот број на осомничени изнесува 14.

Британија-Апсења

Британската полиција соопшти дека осум лица биле уапсени во серијата анти-терористички акции во Лондон и неговата околина во текот на ноќта.

Претставникот на лондонската анти-терористичка полиција Питер Кларк на новинарите денеска им изјави дека за време на 20-тината акции, во кои ушествувале 700 полицајци, бил пронајден половина тон ѓубриво што може да се користи за експлозив. Тој кажа дека осумтемина уапсени биле Британци. Господинот Кларк рече дека оваа операција не била поврзана со бомбашките напади во Мадрид, ниту со ИРА. Тој кажа дека акциите се дел од тековната потрага по осомничени терористи.

XS
SM
MD
LG