Линкови за пристапност

Американскиот советник за национална безбедност јавно ќе сведочи пред Комисијата што ја води истрагата за нападите врз САД во 2001-та - 2004-03-30


Белата куќа долго оддолеваше на барањата госпоѓица Рајс јавно да сведочи, тврдејќи дека на личните советници на претседателот им е забрането јавно да сведочат пред комисии на Конгресот.

Но заради контроверзата по обвинувањата на поранешниот главен советник за контратероризам во Белата куќа, Ричард Кларк, дојде до промена на овој став. Тој ја обвини администрацијата на Буш дека ги игнорирала терористичките закани пред нападите на 11 септември, затоа што била насочена на Ирак.

Кондолиза Рајс ги отфрли овие обвиненија во интервјуто за телевизијата Си-Би-Ес во неделата. Таа изјави дека сака да ја каже својата верзија, но додаде дека заради законски причини не може да разговара со Комисијата.

„Ништо не би било подобро, од моја гледна точка, од тоа да можам да сведочам. Навистина би сакала тоа да го сторам. Но тука има важен принцип. Тоа е долгогодишниот принцип дека актулените советници за национална безбедност не можат да сведочат пред Конгресот“, вели Рајс.

Но веднаш по нејзината изјава, се појавија првите навестувања за законски компромис. Преговорите започнаа уште следниот ден, а утрово главниот адвокат на Белата куќа Алберто Гонзалес испрати писмо до двајцата главни членови на Комисијата, со предлог за договор.

Накусо, Белата куќа се согласила Кондолиза Рајс јавно да сведочи доколку Комисијата и Конгресот дадат писмени гаранции дека тоа нема да биде преседан. Исто така ниту еден друг претставник на Белата куќа да не биде повикан повторно јавно да сведочи, вклучувајќи ја и госпоѓица Рајс.

Но господинот Гонзалес ја проширува понудата на Белата куќа со средба зад затворени врати на претседателот со претседавачот на Комсијата, Републиканецот Том Кин и неговиот потпретседател, Демократот Ли Хамилтон. Тој вели дека и претседателот Буш и потпретседателот Чејни се продготвени заедно да се сретнат со сите десет членови на Комисијата зад затворени врати.

Во писмото директно не се споменуваат обвинувањата на Кларк. Наместо тоа се истакнува единствениот карактер на Комисијата и нејзината мисија и се вели дека Белата куќа ќе стори се што може за да се обезбедат неопходните информации.

Според портпаролот на Белата куќа, Скот Меклилан, понудата била едногласно прифатена од целата Комисија. Демократите во конгресот, кои вршеа силен притисок Кондолиза Рајс јавно да сведочи, го поздравија овој потег. Меѓу нив и сенаторот Дик Дарбин од Илиноис.

„Сега, кога таа донесе одлука заедно со Белата куќа да сведочи, мислам дека тоа е позитивно и добро. Оваа натпартиска Комисија ќе може сега да ги постави тешките прашања што треба да се постават“, кажа господинот Дарбин.

Не е одреден датум кога ќе се појави госпоѓица Рајс пред Комисијата. Но во писмото до Том Кин и Ли Хамилтон, советникот на Белата куќа вели дека се надева дека ќе биде закажано колку што е можно побрзо.

XS
SM
MD
LG