Линкови за пристапност

Буш:  Вратите на НАТО остануваат отворени - 2004-03-30


Американскиот претседател синоќа во Белата куќа им посака добредојде на седум нови земји во НАТО – Бугарија Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија, претставувани од своите премиери. Итовремено, тој на шефовите на влади на Македонија, Албанија и Хрватска, Бранко Црвенковски, Фатос Нано и Иво Санадер им порача дека вратите на НАТО остануваат отворени за земјите-потписнички на Јадранската повелба.

Церемониите во Вашингтон во чест на приемот на седум нови држави во НАТО вчера започнаа во американската Државна благајна, каде американскиот државен секретар Колин Пауел и формално ги прими документите за пристапување од премиерите на новите членки. Тоа оттаму што САД е земјата од НАТО кај која се депонираат сите официјални документи.

„На седумте државници собрани тука, како и на нивните народи, сакам да им кажам – добредојдовте во најголемиот и најуспешен сојуз во историјата“, порача американскиот државен секретар на церемонијата.

Потоа седумте премиери, заедно со шефовите на влади на Македонија, Албанија и Хрватска беа примени од претседателот Џорџ Буш во Белата куќа. Во говорот по приемот, тој истакна дека земјите на кои денес им се посакува добредојде во Алијансата биле сојузници на дело уште пред да станат членки, истакнувајќи дека сите седум во моментов помагаат да се постигне траен мир во Авганистан и Ирак.

Американскиот претседател се осврна и на Македонија, Албанија и Хрватска. „Силите од Албанија, Хрватска и Македонија исто така придонесуваат во Авганистан или Ирак – покажувајќи ја својата решеност додека се стремат кон членство во НАТО. Овие три земји, здружени преку Јадранската повелба, градат цврсти демократии на внатрешен план што можат да придонесат кон заложбите на НАТО во светот. САД ги поддржуваат нивните напори. Вратите на НАТО ќе останат отворени се додека цела Европа не е обединета во слобода и мир“, кажа претседателот Буш.

Македонскиот премиер Бранко Црвенковски, говорејќи на заедничка прес-конференција во Националниот прес клуб на крајот од церемониите, кажа дека Македонија е целосно посветена на тоа да стане дел од евроатлантското семејство. Трагичната смрт на претседателот Трајковски само ја зајакна нашата решеност кон таа цел, кажа македонскиот премиер. Македонија е подготвена за таа цел да ги спроведе неопходните реформи и целосно да соработува со партнерите во НАТО, кажа господинот Црвенковски, посочувајќи дека Македонија за кусо време од корисник на странско армиско присуство се има преобразено во придонесувач кон глобалниот мир и безбедност. Тој потсети дека земјата е дел од глобалната коалиција против тероризмот и посочи на учеството на македонските војници во мисиите во Ирак и Авганистан. Изразувајќи благодарност за американската поддршка за Јадранската повелба и надеж дека Македонија Албанија и Хрватска наскоро преку блиска соработка ќе ги исполнат сите предуслови за членство во НАТО, премиерот Црвенковски порача - Ве уверувам, Македонија е партнер на кој може да сметате.

XS
SM
MD
LG