Линкови за пристапност

Најнови вести, 26 март 2004 - 2004-03-26


Ирак

Во вооружен судир меѓу американските маринци и ирачките бунтовници во градот Фалуџа, загинале најмалку пет лица. Сведоци изјавија дека слушнале пукање и експлозии кога Маринците денеска влегле во центарот на градот. Претставници на локалната болница изјавија дека меѓу загинатите имало едно дете, и оти има и повредени. Американската армија не ги потврди борбите во Фалуџа и не се знае дали има жртви од редовите на американската армија. Во меѓувреме, ОН соопштија дека тим експерти за избори пристигнал во Багдад за да помогне во подготовките за изборите што ќе се одржат до крајот на јануари идната година.

Израел - Палестинци

Палестинците го осудија американското вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се осудува убиството на лидерот на Хамас, Шеик Ахмед Јасин од страна на Израел. Палестинскиот министер Саеб Ерекат кажа дека американската акција ќе го охрабри Израел “да продолжи по патот на насилство, ескалација, убиства и повторна окупација“. САД велат дека се многу загрижени заради убиството на лидерот на Хамас, но ставија вето на резолуцијата бидејќи во неа не се осудува тероризмот на Хамас. Оваа група ја презеде одговорноста за синоќешниот напад на милитантите кои влегле во еврејска населба на Газа и почнале да пукаат. Израелските војници убиле двајца напаѓачи.

Пакистан – ал-Каида

Пакистан упати остра осуда на снимената порака за која се вели дека е од вториот човек на Ал Каида, Ајман ал Завахири, во која се повикува на соборување на пакистанскиот претседател Первез Мушараф. Портпаролот на Министерство за надворешни работи изјави дека властите се уште ја проверуваат автентичноста на гласот на снимката. Тој рече дека оние кои ја објавиле немаат легитимитет, додавајќи оти нивната, како што ја нарече извитоперена идеологија нема врска со исламот. Портпаролот истакна дека пакистанската влада и армија нема да бидат заплашени од вакви кукавички закани. Во меѓувреме, претставник на ЦИА изјави дека агенцијата заклучила оти најверојатно гласот на снимката е на Ајман ал Завахири.

Самит на ЕУ

Лидерите на ЕУ го завршија дводневниот состанок во Брисел, со договор, разговорите за европскиот устав, зголемувањето на соработката во борбата против тероризмот и економските реформи да продолжат. Присутните се согласија разговорте за првиот устав на ЕУ да бидат завршени до средината на јуни. Вчера 15-те актулени членки на Унијата и од 10-те земји кои ќе и се придружат во мај, се заложија за заеднички напори против заканата од терористички напад во случај на напад на некоја членка, како да станува збор за напад врз унијата во целост. Иако економскиот напредок е бавен, присутните ветија удвојување на напорите за стимулација на економијата. Лидерите на ЕУ изразија поддршка за посилна улога на ОН во Ирак.

Кипар

Лидерите на ЕУ ветија поддршка за каква и да е спогодба за решавање на спорот околу поделбата на Кипар. За време на нивниот Самит во Брисел, членовите на Унијата денеска рекоа дека сакаат да видат обединет Кипар во рамките на ЕУ. Тие ги повикаа сите инволвирани страни во преговорите да останат определени на иницијативата за успешен исход на разговорите. Преговорите за кипарското прашање што се одржуваат во Швајцарија продолжуваат и денеска, со враќењето од Брисел на министрите за надворешни работи на Грција и Турција. Кипарските Грци и Турци разговараат по планот на ОН, со кој секоја од страните ќе добие широка автономија, под лабава федерална влада. Доколку не се постигне никаков договор, Кипар ќе се придружи кон Европската Унија, но само меѓународно признатата заедница на кипарските Грци ќе ги има сите бенефиции.

Франција – тероризам

Француските власти притвориле три лица во рамките на полициската истрага за заканите на тајна група дека ќе ја бомбардира железницата. Властите велат дека двајца мажи и една жена биле уапсени синоќа и дека ги испрашуваат во полицискиот штаб против тероризам. Групата која себеси се нарекува А-З-Ф претходно се закануваше дека ќе активира бомби долж француската железница ако не и биде исплатен откуп од пет милиони долари. Вчера соопштија дека ја повлекуваат заканата, но со ветување дека ќе ја обноват. Исто така ги предупредија француските власти брзо да ги исплатат инаку ќе извршат напади поголеми од оние врз возовите во Мадрид. Вчерашното предупредување уследи еден ден откако беше откриена бомба на пруга во Франција.

Тајван – протести

Демонстрантите во Тајван се судриле со полицијата откако Централната изборна комисија објави дека актуелниот претседател Чен Шуи-бјан е победник на спорните претседателски избори што се одржаа минатата сабота. Демонстрантите фрлале камења и јајца и се судриле со полицијата. Некои демонстранти влегле во седиштето на Изборната Комисија во Тајпеј и кршеле прозорци и врати. Се јавува дека неколку лица се повредени. Во почетокот на денот, комисијата соопшти дека формално претседателот Чен е победник на изборите од минатата недела. Во соопштението се вели дека тој победил на изборите со предност од помалку од две десетини од еден процент. Се очекува опозицијата да поднесе жалба на денешното соопштение.

XS
SM
MD
LG