„Тоа е заслуга на граѓаните на Македонија“, вели амбасадорот Дејвидсон, „кои смирено и одговорно реагираа на проблемот на северот од нивната земја“. Според него, јасно е оти стабилноста на Македонија е резултат на ефикасното политичко лидерство и значајниот напредок во спроведувањето на Рамковниот договор.
Тој го информираше Постојаниот совет на ОБСЕ дека Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права ќе ги набљудува вонредните претседателски избори во Македонија што ќе се одржат на 14 април, истакнувајќи дека „САД очекуваат тие ќе бидат слободни и фер“.
Но, како што потенцира амбасадорот Дејвидсон, треба да се направат уште многу работи, пред напорите на ОБСЕ во Македонија да се сметаат за комплетирани. Тој тука го наведе унапредувањето на процесот на децентрализација, реформите во судскиот систем и засилување на напорите за борба против организираниот криминал и корупцијата. Тој изрази увереност дека преку активностите на амбасадорот Паис, ОБСЕ ќе може да и помогне на македонската влада и на народот во постигнувањето на овие цели.