Линкови за пристапност

Српските активисти за човекови права загрижени заради новото етничко насилство - 2004-03-26


Шефот на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Белград, Соња Бисерко, веќе преку 10 години ги критикува српските националисти и екстремисти. Но, од друга страна, таа е децидна и дека целта на насилството на Косово е протерување на преостанатите Срби од спорната територија.

“Инцидентите што се случија минатата недела на Косово очигледно беа мошне добро испланирани. Идејата зад инцидентите беше да се протера српското население од енклавите низ цело Косово. Но, би рекла и дека судејќи според бројот на оние што ги напуштија енклавите, Србите таму не го прифатија тоа. Околу 3.000 лица беа протерани од северниот дел на Косово, но само 80 од нив ја преминаа границата кон Србија“, вели госпоѓа Бисерко.

Г-ѓа Бисерко верува дека насислтвото ќе ја присили меѓународната заедница да донесе конечна одлука за иднината на Косово. Таа истовремено е загрижена дека новата, понационалистички ориентрана српска влада не презела доволно цврст став против етничкиот конфликт. Припадниците на малцинските групи во Србија се ранливи, смета Соња Бисерко, и таа ја обвинува српската Влада што не го спречила уништувањето на двете џамии.

“Би рекла дека оваа акција беше организирана. Тоа не беше спонтано, бидејќи медиумите беа вклучени во тоа. Тие на извесен начин го повикаа народот да излезе на улиците. Иако владата вели дека тоа не било спонтано и било организирано од хулигани, сепак, мислам дека има нешто повеќе од тоа, поради тоа што полицијата не сакаше да се меша во тоа, и не го запре палењето на џамиите, иако беше присутна таму. Важно да се каже е дека овие џамии во суштина не се поврзани со Албанците. Тие повеќе се поврзани со муслиманите и Бошњаците“, смета госпоѓа Бисерко.

И правникот Слободан Хомен, кој е доста активен во спротивставувањето на милитантните Срби, е загрижен за етничкиот конфликт во границите на Србија. Него исто така го изненадил фактот што српските демонстранти, разгневени од настаните во Косово, напаѓале цели кои главно не се поврзани со етничките Албанци.

Иако како резултат на палењето на џамијата во Белград, шефот на градската полиција поднесе оставка, г-динот Хомен бара поостра мерка - оставка на владиниот министер надлежен за полицијата. Тој вели дека владата посебно треба да биде загрижена поради фактот што многумина од анти-албанските демонстранти биле помлади од 25 години.

XS
SM
MD
LG