Линкови за пристапност

Пентагон уште размислува за базите во странство - 2004-03-26


Секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд кажа дека се уште ги анализира предлозите за намалување на бројот на американските војници во постоечките бази во странство и прераспоредување на дел од нив на нови локации надвор од САД.

На прес-конференцијата во Пентагон, г-динот Рамсфелд одби да одговори на прашањето дали ќе биде намален бројот на американските сили во земји како Германија и Јужна Кореја, како што деновиве наведуваа медиумите. Тој ги отфрли неодамнешните новински извештаи за можно прераспоредување на војниците како чиста шпекулација.

“Она што читате е шпекулација, нештата и мислењата што луѓето ги објавуваат во печатот, на радиото и телевизијата. Тие не само што не знаат, туку и не можат да знаат што се случува“, изјави господинот Рамсфелд.

Во неодамнешен извештај објавен во весникот Вашингтон Пост се тврди дека речиси половината од околу 70-те илјади американски војници стационирани во Германија ќе бидат повлечени од оваа земја. Во истиот напис се наведува и дека ќе бидат изградени нови бази во Романија, а евентуално и во Бугарија како и во три земји од Централна Азија. Според Пост, ќе има дојде и до мало намалување на американското присуство во Азија.

Американски официјални лица веќе имаат кажано дека ваквите промени се можни и дека се одраз на потребата за прераспоредување на силите од застарените одбрамбени позиции од времето на Студената војна и нивно стационирање на места каде ќе се соочат со новите предизвици на тероризмот.

Г-динот Рамсфелд кажа дека не знае каков ќе биде конечниот исход од целиот овој процес, нагласувајќи дека и натаму се потребни дополнителни разговори со секоја од земјите инволвирани во прераспоредувањето на американските сили стационирани во странство.

XS
SM
MD
LG