Линкови за пристапност

Транспаренси Интернешенал: Политичката корупција води до конфликти, насилства и тероризам - 2004-03-25


Една од водечките организации за борба против корупцијата, Транспаренси Интернешенал, вели дека политичарите кои земаат покуп и компаниите кои ги поткупуваат му нанесуваат штета на глобалниот економски развој.

Анти-корупциската група Транспаренси Интернешенал вели дека политичката корупција е главна причина за конфликти во многу делови од светот.

Оваа организација со седиште во Берлин на вчерашната прес-конференција во Лондон го објави овогодишниот извештај за корупцијата во светот.

Основачот на Транспаренси Интернешенал, Питер Ајген зборуваше за можното влијание на политичкиот поткуп, измамата и нечесноста врз општеството.

„Тоа е основната причина за големата сиромаштија и за погрешниот начин на управување во светот. Таа создава безнадежност и очај што можеме да ги видиме во многу земји, кои потоа исто така водат до конфликти во овие области, до насилство и евентуално до тероризам“, рече тој.

Во резимето на извештајот составен од 353 страници се наведени имињата на 10 најкорумпирани светски лидери во изминатите две децении. На врвот на оваа листа се наоѓа поранешниот индонезиски претседател Мохамед Сухарто, за кого се наведува дека присвоил меѓу 15 и 35 милијарди долари во текот на 32-годишното владеење.

Поранешниот филипински претседател Фердинанд Маркос е на второт место по корумпираност, со меѓу 5 до 10 милијарди долари . Потоа следува поранешниот лидер на Заир, Мобуто Сесе Секо со присвоени околу 5 милијарди долари.

На оваа листа најкорумпирани политички лидери во светот се наоѓаат уште Сани Абача од Нигерија, Слободан Милошевиќ од поранешна Југославија, Жан Клод Дувалие од Хаити, Алберто Фуџимори од Перу, Павло Лазаренко од Украина, Арнолдо Алеман од Никарагва и Жозеф Естрада од Филипините.

Транспаренси Интернешенал промовира и реформски план од шест точки за отстранување на политичкото влијание во финансиската сфера. Организацијата се залага за јавно финансирање на изборните кампањи и субвенции за медиумите, за да се обезбеди подеднаква застапеност на партиите и кандидатите.

XS
SM
MD
LG