Линкови за пристапност

Конференција на ОБСЕ и Пактот за стабилност: Правниот систем на Косово не може да го спречи етничкото насилство во покраината  - 2004-03-25


Безбедносни експерти на средба што се одржа во Белград изразија загриженост дека новиот и слаб правен систем на Косово најверојатно не е во состојба да се справи со криминалните дела поврзани со етничкото насилство во провинцијата од минатата недела.

Администраторот на ОН во Косово, Хари Холкери, реагирајќи на насилствата од минатата недела, рече дека тоа се злосторства против човештвото и вети дека извршителите ќе ги стигне правдата.

Но, адвокатите и активистите за човекови права кои деновиве учествуваа на меѓународна конференција во Белград, се скептични во однос на судскиот систем на Косово под меѓународно раководство.

Во текот на минатата година обвинителите на Косово не можеле да докажат многу обвиненија во случаи на меѓуетничко насилство. Заради заплашувања, било невозможно судските служби да ги убедат сведоците да се појават на суд.

Германскиот адвокат од Пактот за стабилност со седиште во Брисел, Себастијан вон Мунчоу, вели дека косовските Албанци кои студираат на Универзитетот во Приштина не добиваат соодветна правна обука. Тој додава дека некои меѓународни судии на Косово добивале закани за насилство доколку активно работеле на одредени криминални случаи.

Мајкл Симонс, специјалист за човекови права од Источна Европа кој работи за американската организација на мировни активисти - American Friends Service Committee, е загрижен дека Ромите особено се на мета за време на сегашното етничко насилство. Господинот Симонс, кој минал неколку месеци во поделениот косовски град Митровица, каде што минатата недела избувна насилството, вели дека етничките Албанци имаат тенденција да ги третираат Ромите на ист начин како и Србите.

На Косово има околу шест илјади Роми.

Господинот Ван Мунчоу од Пактот за стабилност се надева дека новите тензии нема да го одложат идниот дијалог за технички прашања, што неодамна започна меѓу владите на Србија и Косово.

Експертите говореа на конференцијата што беше спонзорирана од ОБСЕ и Конзорциумот за помош на Пактот за стабилност. Тема на оваа конференција првично требаше да биде трговијата со луѓе, но новите насилства на Косово се најдоа во центарот на вниманието на учесниците.

XS
SM
MD
LG