Линкови за пристапност

Директорот на ЦИА предупредува дека Ал-Каида ќе се обиде да изведе нов терористички напад врз САД  - 2004-03-24


Г-динот Тенет пред Комисијата истакна дека извори на американското разузнавање имале некакви информации пред да се случат нападите врз Њујорк и Вашингтон, но дека на предупредувањата, како што рече, иритирачки им недостасувале поединости за отпочнување на акција.

Првиот човек на ЦИА истакна дека разузнавачките податоци индицирале оти ќе има напад во странство, особено врз американски интереси на Блискиот Исток.

Господинот Тенет кажа дека не верува оти септемвриските напади врз САД можеле да се спречат доколку лидерот на Ал-Каида Осама бин Ладен бил убиен или уапсен пред 2001-та, бидејќи плановите за терористички заговор веќе биле направени.

Тој беше дециден дека САД се сега во подобра позиција во справувањето со тероризмот.

„Како земја мора да бидете упорни во офанзивата, но мора да имате и одбрана која се поврзува со мерки за визен режим, погранична безбедност, заштита на инфраструктурата и внатрешни предупредувања, на начин кој ќе ја зголеми безбедноста, затварање на јазот во служба на општеството кое налага високо ниво на безбедност и слобода. Ние колективно, не го затворивме јазот доволно брзо и целосно пред 11-ти септември. Извлековме поуки и се подобро работиме во интегрирана околина што ни помага побрзо и потемелно да одговориме споредено со пред три години, а треба и уште многу да се стори“, вели Тенет.

Тој пред членовите на Комисијата и пред публика во која имаше и членови на некои од семејствата на загинатите во нападите во 2001-та, кажа дека како поминува времето, тој е загрижен дека некои луѓе ќе поверуваат дека опасноста од идни терористички напади се намалила.

Дирекеторот на ЦИА кажа дека терористите се уште кројат заговори за убиства на Американци и предвидува дополнителени напади.

„Како што ова прашање ќе избледи, стравувам дека луѓето ќе кажат дека нешто ќе се случи по пет години. Не е така, нешто доаѓа. Тие и натаму ќе се обидуваат и ќе го направат тоа. Треба сите да знаеме дека потребно е многу подобро да работиме“, истакна господинот Тенет.

Пред Комисијата сведочеше и поранешниот советник на претседателот Буш за контратероризам, Ричард Кларк.

Господинот Кларк напиша книга во која го обвинува претседателот Буш дека обрнал многу малку внимание на Ал-Каида пред да се случат нападите на 11-ти септември и премногу се фокусирал на можната поврзаност на тие напади со Ирак. Претставници на Белата куќа остро ги порекнуваат овие обвинувања.

XS
SM
MD
LG