Линкови за пристапност

ЕУ ја казни американска компјутерска компанија Мајкрософт со рекордни 611 милиони долари - 2004-03-24


Комесарот на ЕУ одговорен за конкуренција на пазарот, Марио Монти на новинарите им изјави дека Мајкрософт ги исфрлил производите на другите компании и дека ЕУ дејствувала во најдобар интерес на иновациите и на европските корисници.

„Едноставно обезбедуваме секој што произведува нов софтвер да има фер можности да се натпреварува на пазарот“, вели господинот Монти.

Мајкрософт соопшти дека ќе поднесе жалба на вчерашната одлука на Европскиот суд на правдата во Луксембург. За тоа има рок од два месеца.

Казната е навистина голема, но она што го загрижува Мајкрософт е барањето на ЕУ во рок од 90 дена да излезе со верзија на Windows, во која не е вклучен софтверот за Media Player.

Производителите на противничкиот аудио и видео софтвер велат дека со тоа што Мајкрософт го додава Media Player-от на Windows, тие се исклучени од еден доходовен пазар.

Потпретседателот на Мајкорософт Бред Смит кажа дека одлуката на ЕУ е погрешна.

„Сметаме дека тоа е голем чекор во погрешна насока. Им помага на конкурентите со казнување на потрошувачите и во таа смисла, сметаме дека погрешно е сфатена еднаквоста“, истакнува господинот Смит.

Тој вели дека ќе побара од Европскиот суд да не ја спроведува одлуката додека не се одлучи по жалбата на Мајкрософт. Тоа е процес што може да трае со години.

Претставниците на ЕУ против монополите изминативе години изгубија неколку случаи по поднесени жалби, но комесарот за конкуренција, господинот Монти вели дека е убеден оти овој пат тоа нема да се случи.

Господинот Смит кажа дека и тој е оптимист оти судот ќе ги види работите од аспект на Мајкрософт.

Тој се жали дека ЕУ го одбила нивниот предлог веднаш да објави верзија на Виндоус со три медија плеери на конкурентите заедно со оној на Мајкорософт. Но ЕУ кажа дека со тоа би се дозволило Мајкрософт да ги диктира идните стандарди за дигитална музика.

Мајкорсофт, чии програми Windows се користат на 90 проценти од конјутерите во светот, вели дека одлуката на ЕУ ќе спречи на потрошувачите постојано да им се нудат се подобри производи. Но ЕУ е определена да покаже дека тоа може да влијае на моќните компании кои оперираат на континентот, каде што фирмите ризикуваат милијарди долари.

XS
SM
MD
LG