Членовите на сенатската Комисија за трговија, наука и сообраќај, изразија загриженост дека не се вложуваат доволно пари во бебзедноста на железницата по нападите врз САД на 11-ти септември, 2001-та година.
Сенаторот Џон Бро е демократ од Луизијана.
„Оваа година 4,5 милијарди долари од буџетот се наменети за безбедноста на авионскиот сообраќај, додека околу 65 милиони се одредени за јавниот превоз во државата, иако речиси пет пати повеќе луѓе го користат железничкиот превоз во споредба со авионите во оваа земја“, истакна господинот Бро.
Претставници на Владата ги бранат напорите за заштита на железницата од терористите. Роберт Џејмисон е заменик управник на Федералната администрација за транспорт.
„Обучивме околу 46 илјади вработени да бидат очи и уши кои ќе забележат сомнителна активност што би можеле да откријат техники на Ал-Каида и други видови на техники што се користеле против нашиот национален систем“, вели Џејмисон.
Тој додава дека по бомбашкиот напад врз возовите во Мадрид, многу локални системи за превоз во САД започнале јавни кампањи со кои се бара од патниците да внимаваат на сомнителни активности.
Аса Хатчинсон, подсекретар за безбедност на границите и во сообраќајот во Одделот за домашна безбедност, се согласува со господинот Џејмисон.
„Верувам дека имаме многу повеќе мерки на заштита отколку што можеме да видиме кај железничкиот сообраќај во Шпанија“, истакнува господинот Хатчисон.
Тој вели дека неговата агенција во понеделникот соопштила оти ќе започне со пилот-програма за проверка за бомби кај патниците и нивниот багаж. Новите мерки вклучуваат употреба на кучиња за откривање бомби на железничките линии и јавниот превоз, како и планови за технологија со која би се откривале биолошки и хемиски агенси во воздухот.
Во меѓувреме, законодавците нудат свои предлози за зголемување на безбедноста во железнипчкиот сообраќај.
Комисијата за трговија разгледува план од 515 милиони долари за да се покријат слабостите во железницата, тестирање на технологијата за преглед на патниците и багажот и подобрување на набљудувањето на железничките пруги. Претседавачот на Комисијата, републиканецот Џон Мекејн од Аризона, вели дека смета оти владата ќе го поддржи овој закон.
„Некако сум уверен дека администрацијата ја сфаќа потребата од ова. Можеби не се согласуваме во се, но се надевам дека може тоа да го надминеме“, вели Мекејн.
Сенаторот Џо Бајден, демократ од Делавер, понуди свој предлог закон со кој би се потрошиле над милијарда долари за повеќе полициски патроли, осветлување, огради, камери на железничките станици, како и подобро обезбедување на железничките тунели на пругата од Бостон до Вашингтон.