Линкови за пристапност

Администраторот на САД во Ирак Пол Бремер најави нови институции за борба против корупцијата и гарантирање за безбедноста во земјата - 2004-03-24


Зборувајќи во Багдад, господинот Бремер кажа дека во Ирак е вратен голем дел од електричното напојување, тој говореше и за тоа колку училишта се повторно отворени, а ги спомена и другите јавни служби кои повторно функционираат.

Американскиот администратор во Ирак ја нагласи и важноста за повторното појавување на Ирак на политичката сцена и во спортот. Ирачки спортисти се очекува да се натпреваруваат за време на Летните олимписки игри во Атина.

Господинот Бремер кажа дека на 25-те членови на ирачкиот владејачки совет назначен од САД, треба да им се оддаде благодарност за нивната работа во однос на правото и за поставувањето на основата за предавање на власта во рацете на ирачкиот народ на 30-ти јуни. Новата провизорна влада ќе биде одговорна за креирање на попостојан Устав и за подготовнка за изборите во земјата.

„Ирак сега е на пат за целосна демократија, обединета држава која ќе живее во мир со своите соседи“, истакна Бремер.

Тој вети и вложување на поголеми напори за безбедноста. Убиствата, бомбашките напади и нападите со проектили против коалиционите сили, врз ирачката полиција, странските работници и обичните Ирачани, се причина за стотиците жртви во изминативе неколку месеци.

Друг проблем е корупцијата во земјата. Администраторот Бремер најави создавање на три независни агенции кои ќе справуваат со ова прашање.

Новите мерки се дел од коалиционите напори да се подготват ирачките лидери за наредните три ипол месеци пред да ја преземат власта во свои раце.

„За 100 дена, Ирак ќе биде суверена земја, а Ирачаните ќе бидат одговорни за својата сопствена иднина“, вели тој.

Господинот Бремер уште истакна дека коалиционите членови и натаму ќе продолжат со помошта во програмите за реконструкција и обезбедување на Ирак.

XS
SM
MD
LG