Линкови за пристапност

Усвоени уставни амандмани во Кина - 2004-03-23


Кина усвои уставните амандмани за приватната сопственост и човековите права. Во еден од кинеските амандмани се вели, цитираме, „законски стекнатата приватна сопственост на граѓаните не смее да се нарушува“, во друг амандман се вели: „државата ги почитува и заштитува човековите права“.

Заменик-портпаролот во американскиот Стејт департмент, Адам Ерели, вели: „Заштитата на приватната сопственост и човековите права е камен-темелник на модерната отворена економија и на продуктивното и креативно општество каде владеат законите“. Но, господинот Ерели истакнува дека од клучно значење ќе биде кинеската имплементација на овие мерки.

„Да постојат законите написмено е една работа, но да се преземат мерки тие да се спроведат на постојан начин е нешто сосема друго. Секако, се надеваме дека примената на овие уставни амандмани ќе биде темелна“, рече тој.

Кина се реши на ваков чекор неколку недели по објавувањето на годишниот извештај на Стејт департментот за човекови права. Во изминатава година, се вели во извештајот, во Кина дојде до уназадување на човековите права. Владата апсеше активисти за демократија, лица кои користеле Интернет за да промовираат реформи, активисти за борба против СИДА-та, работници кои демонстрирале, адвокати кои застапувале дисиденти и други кои се обиделе да ги искористат предностите создадени од претходните реформи.

Овие нови затвореници им се придружуваат на илјадниците Кинези кои веќе се во притвор од политички или верски причини. Некои од нив се во затвор уште од демонстрациите на плоштадот Тјенамен во 1989-та година. Во јуни се навршуваат 15 години од бруталното задушување на протестите на Тјенамен и по тој повод многумина продолжуваат да ја повикуваат кинеската Влада да прекине да ги нарекува овие мирни студентски демонстрации „контра-револуционерно востание“.

Кинеските лидери осознаа дека економската слобода води кон национално богатство. Некои се надеваат дека порано или подоцна, кинеското раководство ќе осознае, заедно со демонстранти од плоштадот Тјенамен, дека слободата е неподелива, и дека политичките, социјалните и верските слободи се неопходни за националната величина и националното достоинство.

XS
SM
MD
LG