Линкови за пристапност

Белата куќа ги негира наводите во книгата „Против сите непријатели“ на Ричард Кларк - 2004-03-23


Белата Куќа реагираше на новата книга од поранешен висок претставник на националната безбедност, кој жестоко ја критикува владата на претседателот Буш за начинот на кој ја води битката против тероризмот.

Автор на книгата е Ричард Кларк, кој работел за неколкумина претседатели како советник за контратероризам и кој си даде оставка на таа функција во Белата Куќа нешто порано годинава.

Господинот Кларк вели дека администрацијата на Буш ја игнорирала терористичката закана пред терористичките напади на 11 септември 2001. Тој вели дека уште од самиот почеток, овој состав на Белата куќа бил фиксиран на Ирак и се обидел да ги употреби нападите како причина за војна против ирачкиот претседател Садам Хусеин.

Во книгата господинот Кларк се присеќава на разговор со претседателот Буш еден ден по нападите. Тој вели дека претседателот му наредил да ги прегледа сите расположиви информации, и да види дали може да најде некаква поврзаност на Ирак со нив.

Во интервјуто за ТВ мрежата Си-Би-Ес, поранешниот координатор за контратероризам вели што се случило потоа.

„Реков, господине Претседателе, ова сме го правеле порано, и ова сме го разгледувале без предрасуди. Нема врска со Ирак. Тој тогаш повторно ми пријде и рече, „Ирак, Садам - пронајди дали има врска.“ Тој навистина не рече,„ измисли ја врската.“ Но целиот разговор направи да не се сомневам воопшто дека Џорџ Буш сакаше да излезе со извештај дека Ирак го сторил тоа“, рече тој.

Неговата книга, со наслов „Против сите непријатели“ е прв детален поглед на начинот на кој администрацијата на Буш ја водела војната против теророт, од лице кое всушност било инволвирано во дефинирањето на таа политика. Книгата очигледно погоди на чувствително место многумина од поранешните колеги на господинот Кларк, кои веднаш покренаа прашање за неговиот кредибилитет.

Главниот советник за национална безбедност на претседателот, Кондолиза Рајс, одговори со коментар во Вашингтон Пост каде нагласува дека администрацијата многу се ангажирала, од самиот почеток, да се спротивстави на заканата што ја претставувале терористите на Ал-Каида. Таа вели дека претседателот имал право да ги разгледува сите опции по нападите на 11 септември и да земе предвид секакви врски на терористичките мрежи.

Госпоѓа Рајс се појави со истото тврдење и на неколку телевизиски емисии. За телевизијата Ен-Би-Си таа кажа дека кога станало јасно кој е виновникот, господинот Буш побарал да се реагира.

„Претседателот се врати во Белата Куќа, ме повика и ми рече, „Разбрав од директорот на ЦИА Џорџ Тенет дека нема докази за врска меѓу Садам Хусеин и 11 септември. Ќе се работи за Авганистан. Ирак ќе биде оставен настрана“, истакна г-ѓа Рајс.

Остри реакции имаше и портпаролот на Белата Куќа Скот МекКлилан кој отворено го критикуваше Ричард Кларк.

„Неговите наводи дека можело нешто да се стори да се спречат нападите на 11 септември се многу неодговорни, навредливи и невистинити“, истакна портпаролот Мекклилан.

Тој на новинарите им кажа дека претседателот Буш не се сеќава дека разговарал со господинот Кларк на денот по нападите. Запрашан - што тогаш може да го навело поранешниот претседателски советник да ги изнесе овие наводи, портпаролот на Белата Куќа забележа дека близок пријател на Ричард Кларк работи за демократскиот претседателски кандидат Џон Кери. Господинот МекКлилан кажа дека книгата може да има поголемо политичко влијание отколку што навистина ја отсликува политиката на администрацијата на Буш.

„Тој ова го објавува во екот на претседателската кампања. Тој ја напишал книгата и секако дека сака сега да ја промовира“, рече тој.

Но господинот Кларк негира дека се обидува да им помогне на Демократите, велејќи дека себе си се смета за политички независен. Тој вели дека минал 30 години во јавна служба, о дека му е должност да ги каже фактите. Тој оваа недела ќе зборува за своите погледи пред конгесната комисијата која врши истрага за терористичките напади од 2001.

XS
SM
MD
LG