Линкови за пристапност

Израел најавува нови убиства на палестинските милитантни лидери - 2004-03-23


Началникот на израелската армија, Моше Јалон најави дека Израел ќе продолжи да ги напаѓа водачите на милитантите кога за тоа ќе се укаже прилика. Во изјвата тој сугерираше дека Израел на крајот ќе ги елиминира и палестинскиот водач Јасер Арафат и шефот на Хезболах, Хасан Насарла.

Говорејќи пред новинари во Тел Авив, началникот на израелската армија кажа дека реакцијата на овие двајца на убиството на основачот на Хамас, шеикот Ахмед Јасин, покажала дека, цитираме, “тие увидуваат дека им се ближи крајот“.

Генералот Јалон го бранеше атентатот врз Јасин како позитивен чекор кон стабилност. Тој рече дека на краткорочен план најверојатно ќе дојде до насилства во знак на одмазда, но дека гледано долгорочно, ова убиство веројатно ќе ја смири ситуацијата во Појасот Газа.

Со изјава денес излезе и израелскиот министер за внатрешна безбедност, Цахи Ханегби, кој кажа дека Израел ги има на нишан сите што се вклучени во теротистички активности.

Изралеските владини лица одговорни за безбедност вчера по петчасовен состанок сооштија дека одлучиле со зајакнато темпо да продолжат со таканаречените селективни напади, и тоа врз целото раководство на Хамас, без чекање.

Огорченоста на Палестинците за убиството на шеикот Јасин се интензивира. Хамас вети дека ќе возврати со контранапади врз израелски цели, со насилство без преседан. Еден од вишите водачи на Хамас, Абдел Азиз Рантиси, кој минатата година едвај избегна израелски обид за убиство, кажа дека започнала отворена војна против Израел. И групите Ал-акса - маченички бригади и Исламски Џихад ветија одмазда за убиството на Јасин.

Палестинскиот лидер Јасер Арафат го осуди убиството.

Тој ги повика ОН да го осудат овој, како што рече, злосторнички чин.

Околу 200 илјади Палестинци вчера ги исполнија улиците на градот Газа на погребот на Шеикот Јасин извикувајќи, “Шарон, почнувај да го подготвуваш твојот ковчег“.

Израелските безбедносни сили се во состојба на зголемена готовност. Покрај запечатувањето на Западниот Брег и Појасот Газа, израелските трупи испратија засилување на границата со Либан, како мерка против евентуалното засилување на активностите на герилците на Хезболах, чие седиште се наоѓа таму.

Израелските сили доцна синоќа влегоа на север од Појасот Газа, во близина на градот Бејт Ханун, откако палестинските милитанти испукале неколку рачно направени бомби врз израелската област Негев. Во нападот немало повредени, ниту е причинета материјална штета.

XS
SM
MD
LG