Линкови за пристапност

Средба на министрите за надворешни работи на ЕУ за поблиска соработка во борбата против тероризмот - 2004-03-22


ЕУ секогаш била ревносна во објавувањето на звучни декларации за тоа како ќе се справува со заканата од тероризмот. Но, според досегашните искуства, во однос на усвојувањето на практични мерки, како што е размената на информации за осомничени терористи, таа не се покажала толку добро.

Дипломатите од ЕУ сега велат дека бомбашките напади во Мадрид ги освестиле официјалните претставници да сфатат дека ниту една од нивните земји не е безбедна од терористите и оти е подобро да усвојат подеднаква практика за справување со заканата.

Министрите за надворешни работи ја усвоија минатонеделната одлука на министрите за внатрешни работи и правда на ЕУ за назначување на координатор за анти-тероризам, кој ќе му поднесува извештај на шефот за надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана.

Неговата задача, според дипломатите, ќе биде да обезбеди дека ЕУ ќе има банка на сите податоци кои припадниците на полицијата и разузнавачките служби ќе ги соберат за потенцијалните терористи.

Идејата е сите земји од ЕУ да имаат пристап до информации, како на пример, од заштитeните досиеја за направени разговори преку мобилен телефон и употребата на Интернет од страна на осомничени терористи. Земјите членки исто така се очекува да разменуваат информации за регрутирање, финансирање и можна странска поврзаност на потенцијалните терористички ќелии.

Со години, земјите од ЕУ зборуваа за преземање на вакви чекори, но наидуваа на отпор од страна на безбедносните агенции, посебно во поголемите земји од Унијата. Некои земји, како Британија и Франција се загрижени дека канцеларијата на координаторот за контра-тероризам само ќе ја зголеми бирократијата.

Но дипломатите велат дека министрите за надворешни работи се решени да преземат чекори кон потесна соработка во борбата против тероризмот. Тие додаваат дека Олимписките игри во Грција и Европскиот фудбалски шампионат што ќе се одржи во Португалија кон крајот на годинава се цели на терористите и оти никој не сака повторување на трагичните настани од Мадрид.

Една од работите која министрите веќе ја направија е упатувањето на закана за повлекување на економската помош за земјите кои ЕУ смета дека недоволно соработуваат во борбата против тероризмот. На пример, договорот на ЕУ за помош и трговија со Сирија е одложен, се додека Сирија не се согласи на клаузула за анти-тероризам. Исто така и преговорите на ЕУ за трговски договор до Иран се замрзнати се додека не се расчисти ситуацијата со иранските програми за нуклеарно оружје.

XS
SM
MD
LG