Линкови за пристапност

Владите на Грција и на Турција ќе се придружат на преговорите за реунификација на Кипар - 2004-03-22


Во втората фаза од иницијативата на ОН за обединување на Кипар, ќе бидат вклучени турскиот премиер Тајип Ердоган и неговиот грчки колега, Костас Караманлис.

Но, лидерот на кипарските Турци, Рауф Денкташ соопшти дека дека нема да присуствува на разговорите во Бургенсток, бидејќи се сомнева дека ќе биде постигнат некаков напредок. Тој ја нема формално одбиено поканата за учество во разговорите ниту пак стапил во контакт со Генерланиот секретар на ОН, Кофи Анан. Меѓутоа доколку господинот Денкташ не биде присутен на средбата, отцепениот северен дел на островот ќе го претставува премиерот на кипарските Турци, Мехмет Али Талат.

Заменикот генерален секретар за политички прашања во ОН, Киеран Прендергаст, го предупреди господинот Денкташ дека во Швајцарија мора да се донесат конечни одлуки.

„Оној што нема да е во Бургендсток ќе биде исклучен и процесот ќе биде финализиран наредната недела. Она што бараме се претставници на кипарските Турци кои имаат овластувања да донесат конечни решенија во Бургенсток, тоа е условот“, вели господинот Прендергаст.

Господинот Денкташ инсистира дека не се откажува од функцијата преговарач од редовите на кипарските Турци. Турскиот министер за надворешни работи Абдула Ѓул не им придаде големо значење на информациите за повлекувањето на господинот Денкташ од разговорите во Швајцарија, велејќи дека е во постојан контакт со него.

Разговорите меѓу двете страни спонзорирани од ОН, од 19-ти февруари, наваму, не покажале никави знаци за напредок во однос на спорот околу 30-годишната поделеност на островот. Несогласувањата главно се однесуваат на територијални и имотни прашања.

Швајцарија веќе неколку години ги поддржува преговорите за реунификација на Кипар и се сметаше дека оваа земја ќе обезбеди идеални услови за одржување на разговорите.

Швајцарскиот дипломат Дидиер Фиртер кој е правен советник за Кипар во ОН, вели дека сите инволвирани страни сега треба да вложат голем напор за да се дојде до согласност.

„Постојат добри причини во настојувањето страните да го вложат овој последен интензивен напор што би бил 24-часовен ангажман во текот на целата недела. Тие ќе имаат многу можности за неформални контакти што би можело да доведе до надминување на пат позицијата“, вели Фифтер.

Времето одминува за обединување на островот до крајот на април. Доколку не се постигне согласност, само меѓународно признатата влада на кипарските Грци ќе и се приклучи на ЕУ на 1-ви мај, со што кипарските Турци на северот ќе останат изолирани, додека нивната самопрогласена република е призната само од Турција.

XS
SM
MD
LG