Египетскиот претседател Хосни Мубарак веднаш излезе со соопштение дека ја откажува посетата на Израел од страна на делегација на египетски законодавци. Посетата беше планирана за утре во знак на одбележување на 25-та годишнина од мировниот договор меѓу двете земји.
Господинот Мубарак изјави дека атентатот врз основачот на Хамас ставил крај на мировниот процес и ќе има сериозни поседици врз целиот регион.
Портпаролот на Арапската лига, Хосам Заки кој се наоѓа во Тунис на подготовки за Самитот на Лигата што треба да започне кон крајот на неделава, атентатот врз Ахмед Јасин го нарече персонификација на тероризмот од страна на израелската Влада.
Тој кажа дека смртта на лидерот на Хамас ќе фрли сенка на средбата меѓу арапските министри за надворешни работи и ќе има неповолно влијание врз какви било шанси за заживување на мировниот процес.
Портпаролот на Ал-Акса Маченичките Бригади, кои се дел од фракцијата Фатах на палестинскиот лидер, Јасер Арафат, повика на војна и вети одмазда врз Израел за неколку часа.
Лидерот на забранетата египетска радикална исламистичка група, Муслиманско братство, Мохамед Махди Акеф, исто така предупреди дека, цитираме, нема да има живот за Американците и Ционистите во регионот и дека тие нема да мируваат додека Израелците не бидат протерани.
Во соопштението на арапската телевизиска станица Ал-Џезира, лидерот на Исламскиот џихад, Рамадан Шалах, ги осуди, како што рече, глувите и слепите арапски лидери кои зборуваат во одбарана на Израел. Тој кажа дека палестинскиот народ бил задушен од Израел.
Во 1979-та година, Египет стана првата арапска земја која потпиша мировен договор со Израел, но дипломатските односи меѓу двете земји и по многу години останаа заладени.