Линкови за пристапност

Европските влади го осудија убиството на лидерот на Хамас Шеик Ахмед Јасин  - 2004-03-22


Во седиштето на ЕУ во Брисел владее атмосфера на незадоволство и длабока загриженост по израелскиот хеликоптерски напад при што е убиен Шеикот Јасин пред една џамија во Газа.

Британскиот секретар за надворешни работи Џек Строу за новинарите изјави дека Израел има право да се брани, но само во рамките на меѓународното право.

„Сите ние ја сфаќаме потребата на Израел за самоодбрана и тоа е во целосна согласност со борбата против тероризмот, што е регулирано во меѓународното право. Но Израел не смее да врши вакви незаконски убиства, заради што го осудуваме. Тоа е неприфатливо. Тоа е неоправдано. И сигурно нема да ги постигне своите цели“, вели господинот Стоу.

Министрите на ЕУ објавија изјава во која се осудува убиството на Шеикот Јасин, истакнувајќи дека тоа ќе ја потпали ситуацијата на Блискиот исток. Изјавата се совпаѓа со ставовите што ги истакна и господинот Строу.

Данискиот министер за надворешни работи Пер Стиг Мелер изјави дека неговата земја и ЕУ повеќепати ги осудиле убиствата на истакнати палестински милитанти од страна на Израел.

Министерот за надворешни работи на Франција Доминик Де Вилепен рече дека убиството на Шеикот Јасин само може да го уназади блискоисточен мировен процес со поттикнување на спирални насилства.

Шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана изјави дека израелската акција воопшто не придонесува за создавање услови за дијалог меѓу Израелците и Палестинците.

„Ситуацијата навистина е сериозна и опасна. Се надевам дека тоа ќе биде контролирано на теренот. Но тоа не се добри вести и покажува дека таму имаме уште многу работа“, истакна Солана.

Полскиот министер за надворешни работи Влодјимеж Цомошевич изрази стравување дека секаква одмазда од страна на палестинската исламска група Хамас, чиј основач е Шеикот Јасин, би можела да го потпали Блискиот исток, по што ситуацијата може да се прошири и во Европа.

XS
SM
MD
LG