Израел - Палестинци
Во два израелски воени напади во Појасот газа денеска се убиени најмалку четворица Палестинци.
Во првиот, на границата на Газа со Египет, израелски хеликоптер пукал во бегалскиот камп Рафах. Сведоците велат дека еден милитант и еден цивил се убиени. Во другиот напад, израелски хеликоптер пукал во истата област додека тенкови оперирале на теренот и притоа двајца палестински тинејџери се убиени. Во одвоена борба, во оружена престрелка меѓу палестински безбедносни сили и милитанти на Хамас во градот Газа, убиен е еден цивил и повредени најмалку 17 лица.
Пауел – Јужна Азија
Американскиот државен секретар Колин Пауел вели дека САД ќе наменат уште една милијарда долари како помош за обнова на Авганистан на претстојната донаторска конференција.
Господинот Пауел го објави ова денеска во Авганистан пред да пристигне во Исламабад на разговори со пакистанскиот претседател Первез Мушараф.. Новите средства ќе ја зголемат американската помош за Авганистан на две запирка две милијарди долари за оваа година. Господинот Пауел кажа дека во Исламабад ќе разговара за потрагата по терористите на ал-Каида, за ситуацијата во Кашмир и за неодамнешниот нуклеарен скандал во Пакистан.
Шпанија – Бомбашки напади
Новоизбраниот премиер на Шпанија вели дека неговиот став за повлекување на шпанските трупи од Ирак останува непроменет и покрај апелот на претседателот Буш за останување на сите коалициони сили.
Хосе Луис Родригес Запатеро денеска потврди дека планира да ги повлече шпанските трупи до 30 јуни, освен ако коалиционите сили се стават под контрола на ОН. Господинот Запатеро својот став го објави по минатонеделните бомбашки напади во Мадрид во кои беа убиени повеќе од 200 лица. Во меѓувреме, шпанската влада која заминува вели дека го зајакнува обезбедувањето на транспортните мрежи, инфраструктурната опрема и меѓународните граници.
Ден на Свети Патрик – САД, Ирска
Ирскиот Премиер Берти Ахерн денеска е во Вашингтон на разговори за американско-ирските односи и да помогне во одбележувањето на Денот на Свети Патрик, посветен на главниот светец во Ирска.
Во Белата куќа господинот Ахерн на претседателот Буш му даде чинија со детелини, велејќи дека тоа е симбол на заедништво. Тој исто така му се заблагодари на господинот Буш за неговата поддршка на мировниот процес во Северна Ирска. Претседателот Буш му кажа на господинот Ахерн дека со нетрпение чека во јуни да отпатува во Ирска на самитот САД – ЕУ. Двајцата лидери им го честитаа празникот на милиони луѓе во светот што денеска го прославуваат Свети Патрик.
Пакистан – Ал Каида
Пакистан соопшти дека 39 загинале на пакистанско-авганистанската граница во битката што траела цел ден меѓу про-владини паравоени трупи и осомничени терористи.
Армиски портпарол кажа дека 15 паравојници и 24 милитанти загинале во борбите, што започнале вчера наутро. Се смета дека 15 војници исчезнале или биле уапсени. Властите велат дека операцијата во самопрогласената автономна погранична област позната како Јужен Вазиристан, била заснована на информација дека осомничени припадници на ал-Каида се кријат во пограничното село Вана. Властите велат дека битката, која била најжестока досега, избувнала кога војниците ја опколиле областа.
Косово - судири
Во судирите меѓу етнички Албанци и Срби во северниот косовски град Косовска Митровица загинале седум лица.
Според информации од болниците најмалку 200 лица биле повредени во нередијата во поделениот косовски град. Насилството започнало кога властите откриле тела на две етнички албански деца кои се удавиле наводно откако биле принудени да бегаат во реката од локалните Срби. Едно дете се уште се смета за исчезнато. Се јавува за насилства меѓу Србите и етничките Албанци и во селото Чаглавица, во близина на Приштина. Во понеделникот еден српски тинејџер бил повреден при пукање од автомобил во централно Косово, а стотици селани ги блокирале патиштата по нападот во знак на протест.
Ирак
Во силна експлозија во центарот на Багдад уништен е еден хотел, а сведоци изјавија дека има многу жртви.
Новинарите виделе како од местото на настанот се изнесуваат тела, додека по експлозијата избувнал голем пожар. По експлозијата на местото каде што се наоѓал хотелот има огромна дупка. Инаку хотелот се наоѓал во близина на плоштадот каде што американските војници ја отстранија статуата на Садам Хусеин откако беше соборен ирачкиот лидер во инвазијата минатата година. Ескплозијата се случи на денот кога американската армија во Ирак упаднале на пазар во Багдад, во рамките на новата операција против анти-коалиционите бунтовници.
Американска политика
Тимот што работи на повторен избор на претседателот Буш и неговиот демократски противник Џон Кери денеска се напаѓаат меѓусебно на воени и одбранбени прашања.
Сенаторот Кери остро го критикуваше претседателот за начинот на кој ја водел војната во Ирак, наведувајќи “постојано губење животи и се поголеми трошици што изгледаат бескрајни“. Администрацијата на Буш неделава одбележува една година од инвазијата на Ирак предводена од САД со серија говори во одбрана на војната, велејќи дека тоа го направило светот побезбеден. Потпретседателот Дик Чејни денеска ќе зборува во Kалифорнија, каде се очекува да го претстави сенаторот Кери како недоследен и слаб по прашањето на одбраната.