Линкови за пристапност

Заканата од нови напади на Ал-Каида и натаму најголем предизвик за Интерпол - 2004-03-16


Генералниот секретар на Интерпол, Роналд Нобл кажа дека бомбашките напади врз возовите во Мадрид минатата недела, претставува очигледно потсетување дека тероризмот во стил на ал-Каида има за цел да го повреди целиот свет.

„Само пред неколку дена, уште еднаш брутално бевме потсетени дека видот на нападите што ги користат терористичките групи на ал-Каида се најпроблематични за нашите агенти и за целата светска заедница. Ниту еден регион во светот не е исклучок и поштеден од терористите како Ал-Каида“, истакна господинот Нобл.

Тој денеска ова го кажа на отворањето на регионалната конференција во Манила за членките на Интерпол, Меѓународната агенција за полициска соработка.

На видео-снимка, за која се тврди дека е од ал-Каида се вели дека оваа терористичка група е одговорна за бомбашките напади во Шпанија минатата недела. Меѓутоа, шпанските власти се уште не ја потвтврдиле вмешаноста на Ал-Каида.

Господинот Нобл вели дека нападите во Мадрид се илустрација зошто сите напади во стилот на ал-Каида – симултани напади на цели за предизвикување на максимален број на жртви, претставуваат најголем предизвик со кој се соочува Интерпол.

Тој рече дека нападите имаат за цел да се убијат колку што е можно повеќе луѓе и од повеќе земји. Тој посочи дека меѓу загинатите и повредените во Мадрид имало лица од 12 земји.

„Секој голем терористички напад што може да и се припише на ал-Каида или ги има сите карактеристики на Ал-Каида, има негативно влијание врз безбедноста на граѓаните не само од земјите кои се директна цел, туку и врз сите граѓани. Според нашето искуство, Интерпол верува дека ниту една влада не може искрено да каже дека не е загрижена за тероризмот“, вели Нобл.

Се верува дека Ал-Каида е одговорна за нападите врз САД во септември 2001-та и за серија бомбашки напади во други делови на светот во изминатите неколку години.

Генералниот секретар на Интерпол кажа дека 181-та членка на Агенцијата се залагаат за соработка за да биде светот безбеден од тероризам.

Господинот Нобл кажа дека азиските земји имаат долга историја на борба против тероризмот и соработка со Интерпол. Тој побара од регионалните агенции за спроведување на законот и натаму да внимаваат на заканата од тероризам.

На 18-та Азиска регионална конференција на Интерпол учествуваат над 200 полициски претставници од 63 држави, кои ги истражуваат начините за подобрување на регионалната безбедност.

XS
SM
MD
LG