Линкови за пристапност

Господин господин Стефан: Нема промени во односите меѓу Македонската со Српската и Грчката православна црква  - 2004-03-15


“Промени во односите меѓу Македонската со Српската и Грчката православна црква во овој момент нема. Во смисла не се влошуваат, но не се ни подобруваат. Се наоѓаме во време на мирување, иако тоа не добро, затоа што врските меѓу православните цркви треба да бидат постојани“, кажа поглаварот на Македонската православна црква господин господин Стефан во екслузивното интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.

Тој смета дека е повеќе од очигледно оти „проблемот, ако е проблем меѓу Македонската и Грчката и Српската црква, не е црковен проблем, туку се се врти околу името. Така што и овие најнови случувања меѓу Македонската и Српската православна црква не можеме да ги тргнеме на страна од она што значи решавање на името, а со тоа и статусот на МПЦ. Нашиот став, ставот на Светиот Синод на МПЦ е дека треба да се здобие со автокефален статус и дека името не може да биде поинакво освен Македонска православна црква“, нагласува господин господин Стефан.

На прашањето до кога ќе трае покајничкиот рок за монасите кои му се придружија на расчинетиот владика Зоран Вранишковски и каква ќе биде разврската со нив, поглаварот на МПЦ одговори: „Покајанието треба да започне за да се знае до кога ќе трае. Ми се чини дека тој чекор до сега не е покажан од страна на монасите и монахињите кои ги напуштија македонските манастири, иако веднаш по нивното заминување беше даден јавен апел дека вратите на нашите манастири се отворени за оние кои сакаат да се вратат и да го почитуваат монашкиот ред. Митрополитот Петар разговарал веќе со дел од монасите, но немам информации дека некој најавил и дека пријавил оти ќе се врати“.

За евентуално вклучување на рускиот патријарх или вселенскиот патријарх во преговори меѓу МПЦ и СПЦ, господин господин Стефан одговара дека „и во нашиот случај би ни било од големо значење посредништвото и воопшто улогата на Руската православна црква во надминувањето на нашите нерешени прашања со Српската и Грчката православна црква“.

Поглаварот на Македонската православна црква не стравува од приближување кој унијатството.

Тој вели дека „односите со Католичката црква не се поинакви од односите што ги имаат другите православни цркви. Светата столица во неколку случаи имала поголемо чуство кога требало да се помогне во кадровското обновување на МПЦ, а тоа го прави и сега. Опасноста од некакво приближување, од идејата од унијатство никогаш не била, ниту ќе биде присустна во размислувањата, ниту во желбите меѓу членовите на Светиот архиерејски синод, меѓу свештенството или кај граѓаните. Во некои интелектуални кругови некогаш во Македонија имало и такви размислувања, кои биле неосновани“, изјави меѓу другото, поглаварот на Македонската православна црква господин господин Стефан во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG