Линкови за пристапност

В недела претседателски избори во Русија - 2004-03-12


Малкумина се сомневаат во тоа дека рускиот претседател Владимир Путин ќе добие уште еден четиригодишен мандат. Тој на изборите в недела оди со јавна поддршка од над 70 проценти и без реална политичка опозиција.

Единствено е неизвесно дали одзивот на гласачите ќе биде најмалку 50 проценти, за изборите, според Уставот, да бидат важечки.

Руските официјални лица задолжени за изборите напорно работат ширум земјата за да ги привлечат гласачите.

Во Кабаровск, на рускиот далечен исток, локалните изборни претставници одат до таму што на оние што ќе излезат на гласање им нудат шанса да добијат тридневно патување во Кина. Во московската подземна железница, постери наменети за младите гласачи нудат бесплатни билети за музички забави. Руската национална телевизија секојдневно објавува рекламни пораки од Централната изборна комисија, повикувајќи го населението да излезе на гласање.

Едно младо момче вели дека ќе гласа, бидејќи од тоа зависи иднината. Тој истакнува дека ќе гласа за г-динот Путин, бидејќи се согласува со неговата реформска политика.

Друг, повозрасен гласач, има поинакво објаснување. Тој човек вели дека ќе гласа за г-динот Путин бидејќи, останатите кандидати, според него, не заслужуваат да бидат на претседателската функција.

Предизвикувачи на г-динот Путин на изборите се независниот кандидат Сергеј Глазјев, Олег Малишкин од Либерално-демократската партија и Ирина Какамада, која настапува како независен кандидат, откако либералите чиј претставник беше таа, доживејаа тежок пораз на минатогодишните парламентарни избори. Во трката за претседател е и Николај Каритинов од Комунистичката партија, и се очекува тој да се пласира на далечното второ место.

И Сергеј Миронов, спикер на Долниот дом на Рускиот парламент влезе во трката, започнувајчи кампања со ставот дека всушност го поддржува претседателот Путин, но сака на гласачите да им даде шанса за демократски избор.

Еден од најгласните опозициони кандидати, Иван Рибкин минатата недела се повлече од трката, со образложение дека изборите ќе бидат фарса.

Политичката опозиција ја критикуваше кампањата, велејќи дека медиумите, кои во најголем дел се под владина контрола, се пристрасни во полза на г-динот Путин. Некои од нив поднесоа официјални жалби до Централната изборна комисија во однос на медиумското покривање, но комисијата ги одби ваквите тврдења.

Гласањето ќе го следат најмалку 1.000 меѓународни набљудувачи. Првите резултати се очекуваат најрано в понеделник.

XS
SM
MD
LG