Линкови за пристапност

Во САД кампања за намалување на работните часови, а зголемување на времето за одмор - 2004-03-11


САД се воспоставени на принципот на неотуѓивите права - на живот, слобода и потрагата по среќа. Но во модерна Америка, последната од наведените вредности често е поттурната настрана во полза на потрагата обезбедување на живеачката. Американците минуваат повеќе време на работните места, во споредба со работниците во другите индустријализирани земји. Но активнистите за повеќе слободно време велат дека тоа и не мора да биде така.

Американците не земаат доволно време за одмор. Вака вели новинарот Џо Робинсон, кој започнал кампања за одобрување на закон во Конгресот за минимално платен одмор.

„Ние сме единствената индустријализирана земја која нема закон за заштита на годишните одмори. Во Европа, според законот, за тоа следуваат 4-5 недели. Во Кина тој е три недели. Но кај нас такво нешто нема“, вели тој.

Г-динот Робинсон истакнува дека 13 проценти од американските компании немаат предвидено платен одмор за вработените. Од започнувањето на кампањата „Работи за да се одмориш“ во 2000 година, тој слушнал разни приказни за ефектот на минувањето премногу часови на работното место. „Тука постои култура на преангажираност, според која се верува дека нема граница колку луѓето можат да сработат“.

Општеството всушност ги наградува луѓето кои се предадени на својата работа, смета организацискиот консултант Дајан Фасел. Во нејзината книга „Работејќи до смрт“, г-ѓа Фасел работата ја нарекува заведувачка и моќна дрога.

„Има физичка страна-тоа е лачењето адреналин. Има и психолошка страна- тоа е кога со постојаната работа се добиваат награди, се добиваат пофалби од соработниците. Тоа веројатно е една од зависностите во нашето општество, но за оваа луѓето добиваат пофалби. Оние кои премногу работат се исто толку опасни како и алкохоличарите“.

Американската работна етика ги трансформира САД во најбогата нација во светот. Организаторот на кампањета „Работи за да се одмориш“, Џо Робинсон вели дека скратувањето на работните часови не значи намалување на продуктивноста.

„Во процес сме на изработка на некои студии кои покажуваат дека поголемото слободно време всушност е добар економски стимул, бидејќи кога луѓето имаат време, тие патуваат, трошат пари. Токму тоа го прават Кинезите. Таму има голем број луѓе кои штедат пари, добиваат тринеделен одмор и почнуваат да патуваат низ земјата, да посетуваат ресторани и локални знаменитости. Ние сметаме дека истото би се случувало и тука“, истакнува г-динот Робинсон.

А давањето повеќе време за одмор, би можело дури да има и политичко влијание, посебно ако денот на изборите се прогласи за национален празник.

„Ние веруваме дека причината за малиот одѕив на Американците на изборите не е само поради тоа што тој ден тие сметаат дека немаат време да гласаат, туку тие немаат време да ги разберат овие прашања“.

Ова го вели Џон де Граф, национален координатор на уште едно движење за повеќе време за одмор. Неговата организација минатата година започна нова традиција, прославувајќи го 24 октомври како Ден за посветување себе си. Со дебати и говори посветени на работата и животот и кампањи на пишување писма од Конгресот се бара да одобри закон за минимум платен одмор.

Меѓу организациите кои годинава планираат да учествуваат на Денот за посветување себе си е и Центарот за новиот американски сон. Неговиот претседател Бетси Тејлор вели:

„Сега имаме 30.000 лица кои заеднички пишуваат писма до претседателот Буш и веројатниот претседателски кандидат на Демократите, сенаторот Џон Кери, во кои од нашите политички лидери се бара да размислат како Американците можат да добијат повеќе време за одмор. Ние бараме сослушување во Конгресот по ова прашање. Сакаме вистинска дискусија за фактот дека Американците работнат многу повеќе часови, одошто сите останати во индустријализираниот свет“.

Поборниците за повеќе време за одмор велат дека потрагата по среќа е исто толку важна како животот и слободата. Тие сметаат дека за тоа е потребна реорганизација на работното место.

XS
SM
MD
LG