Линкови за пристапност

Претседателската кампања се фокусира на економијата - 2004-03-10


Претседателот Буш обезбеди тесна победа на изборите во 2000-та и голем дел од неговата стратегија за повторен избор е пак да победи таму.

На неговата 15-та посета на оваа федерална држава откако е претседател, господинот Буш на бизнисменките им кажа дека ги разбира економските предизвици во држава во која над 160 илјади луѓе ги изгубиле работните места откако тој стапил на функција.

“Знам дека има работници кои се загрижени дека работните места се одлеваат во странство. И јас сум загрижен заради тоа. Знам дека се прашуваат дали ќе можат да се оспособат за нови работни места во 21-от век. Го разбирам тоа“, рече господинот Буш.

Претседателот кажа дека сфаќа оти работата во производството во Охајо особено е силно погодена бидејќи индустриите се попродуктивни и не се отвораат толку работни места како порано.

Но господинот Буш вели дека има причина за оптимизам затоа што инфлацијата е ниска и расте производството.

Најверојатниот противник на претседателот од Демократската партија, сенаторот од Масачустетс, Џон Кери, бара да се отповикаат овие даночни олеснувања за најбогатите Американци, да се намали федералниот дефицит и да се зголемат трошоците за социјални програми.

“Со враќање на даночните намалувања на Буш за најбогатите меѓу нас, може да почнеме да ја обновуваме фискалната одговорност, да се инвестира во образованието и здравствената заштита за сите наши луѓе“, рече господинот Кери.

Сенаторот Кери на состанокот на водачите на синдикатите на Флорида им кажа дека од намалувањето на даноците на претседателот корист имале само богатите, додека тоа не помогнало да запре одлевањето на американските работни места во странство.

“Доколку овој претседател сака овие избори да бидат за даноците, откако намали милијарди за милијардерите, а на семејствата од средната класа им даде поголем дел за плаќање, тогаш, ако ме слушнал како што кажав многу пати во оваа изборна трка, ние сме подготвени за таква борба. Само повелете“, рече господинот Кери.

Без да го спомене сенаторот Кери по име, претседателот Буш кажа дека некои политичари од Вашингтон сакаат да ги зголемат даноците, што според него ќе го спречи економското опоравување.

“Со даночното олеснување што го потпишав им остануваат пари на семејствата и на оние што отвораат работни места во вистинско време. Ги намаливме даноците за нашите семејства. Ги намаливме даночните стапки за секој што плаќа даноци. Не ја играме старата политичка игра на победници и губитници во даночните правила“, рече господинот Буш.

Претседателот Буш ја обезбеди номинацијата на неговата партија со победата во вторникот на партиските избори на Републиканците во четири федерални држави на југот. Сенаторот Кери е близу до обезбедување на номинација на Демократската партија и ќе има доволно делегати по партиските избори идната недела во државата Илиноис на Средниот Запад.

XS
SM
MD
LG