Жерар Латорту, поранешен политички бегалец и министер за надворешни работи на Хаити, е новиот премиер. Господинот Латорту беше избран по петдневна расправа на таканаречениот совет на мудреци, инаку комисија што беше составена за да го избере новиот премиер по заминувањето на претседателот Жан Бертран Аристид.
Господинот Латорту заедно со привремениот претседател Бонифас Александар ќе изберат влада на Хаити до одржувањето на избори, Господинот Латорту е научник кој избегал од режимот на Франсоа Папа Док Дувалие. Тој бил министер за надворешни работи во владата што била соборена со воен удар во 1988 година. Предавал на универзитети и бил претставник во Организацијата за индустриски развој на ОН.
Ен Мари Иса, една од членовите на советот што го избра господинот Латорту вели дека неговото искуство ќе биде потребно за тешката задача.
“Тој има визија и може сите да ги обедини. Обединувач на нацијата. Исто така за да се промовира развојот на земјата, затоа што таа личност ќе има многу работа, така што сметаме дека Латорту е добар избор“, вели госпоѓа Иса.
Мултинационалните трупи на Хаити велат дека наскоро ќе започнат со агресивни обиди за разоружување на вооружените банди и на други групи и поединци кои стојат зад бранот насилство во изминатите неколку недели. Полковникот на американската морнарица, Марк Гарганус, кој раководи со мултинационалните сили на Хаити вели дека овие обиди ќе зависат од соработката на јавноста на Хаити.
“Она што го бараме е населението на Хаити да ни помогне со тоа што само ќе го положи оружјето или да ни се предадат. Со задоволство ќе ги претвориме во полиција или во мултинационални сили. Тоа многу ќе ја забрза промоцијата на стабилност што е главната причина за нашето присуство“, вели полковсникот Гарганус.
Полковникот Гарганус вели дека мултинационалните сили ќе соработуваат со полицијата на Хаити во разоружувањето на групите и поединците кои стојат зад насилствата, но не кажа детали како тоа ќе биде спроведено.
Тим на експерти на ОН на Хаити исто така ќе се фокусира на напорите за разоружување како главна цел на мировната мисија овластена од ОН.
Грабежите и насилствата продолжуваат во Порт-о-Принс, при што главна цел се магацините и индустриската област во близина на аеродромот. Командантите на мултинационалните сили велат дека ги зајакнале патролите во таа област во обид да го стават под контрола ограбувањето и насилството.