Линкови за пристапност

Одделот за правда испраќа тим обвинители во Ирак како подготовка за судењето на Садам Хусеин  - 2004-03-09


Првата група од педесетина претставници на Одделот за правда во следните денови се очекува да пристигне во Ирак, за да им помогне на Ирачаните да ги соберат доказите и да го подготват случајот против Садам Хусеин и другите поранешни високи ирачки претставници.

Салем Чалаби, ирачки адвокат со американско образование од Багдад, за Гласот на Америка говори за тоа кои ќе бидат задолженијата на овие правници.

„Тие ќе ни помагаат околу истрагите и слично, каде нам ни е потребна голема помош. Ирачките истражни судии и обвинители немаат големо искуство во вакви комплексни случаи“, вели господинот Чалаби.

Самите Ирачани ќе бидат надлежни за трибуналот, што ќе биде независно тело формирано врз основа на ирачкото и меѓународното право, со јурисдикција над сите Ирачани поврзани со воено злосторство за време на ерата на Садам Хусеин.

Главниот американски администратор во Ирак, Пол Бремер за телевизијата Фокс говореше за трибуналот.

„Ирачаните го воспоставија овој трибунал. Сега треба да се избере персонал, истражители, судии и обвинители, а ние ќе им помогнеме како да ги поврзат доказите“, вели тој.

За оваа цел, вели портпаролот на Привремената коалициона власт под американско раководство, тимови од истражители од повеќе земји прегледуваат огромен број документи и, како што се проценува околу 300 масовни гробници поврзани со масакрите врз Шиитите и Курдите.

Но, засега не е утврдено кога трибуналот фактички ќе започне со сослушување на случаите. Салем Чалаби вели дека првото судење ќе биде за девет месеци.

Друг фактор, кој според него би можел да влијае врз судот е безбедносната ситуација во Ирак.

„Не можам да замислам дека нападите или нешто слично би можело да има значајно влијание, освен доколку судниците не се цел на тие напади. Ние не сакаме судењата да бидат надвор од земјата, бидејќи тоа во најголем дел е ирачка работа“, истакнува господинот Чалаби.

Садам Хусеин беше фатен во декември и се наоѓа во надлежност на американската армија на локација во Ирак која не се објавува. Американски претставници за Њујорк Тајмс изјавуваат дека тој кажал малку нешта што би можеле да се употребат во судскиот процес против него.

XS
SM
MD
LG